X
 06.02.2016 Образование

Насилство, затвори, прељуба и пиштоли - што учат нашите деца од турските серии?

Невини ликови кои одат во затвор, киднапирани деца, несреќни љубовни приказни, ликови кои прават добро, а само со лошо им се враќа, пиштоли, расправии и врескање, мажи кои имаат и по три жени, традиционални вредности несвојствени за нашата култура и современиот начин на живот, кич и шунд....Ова се само дел од „вредностите“ со кои секодневно се бомбардирани децата и возрасните преку турските серии. Ги има десетици, во најударните термини на речиси сите македонски телевизии со репризни изданија преку викендите или попладне. Се чини дека по цел ден на каналите се вртат само турски серии. Има предупредувања дека се за деца над 8 или 12 години, но факт е дека покрај возарсните, истите ги гледаат и дечињата. Социолозите и педагозите предупредуваат на опасноста од оваа неквалитетна програма со која телевизиите билдаат рејтинзи и заработуваат.

Професорката Татјана Стојаноска Иванова од Институтот по социологија од Филозофскиот факултет од Скопје, апсолутно не се согласува со тоа што сме преоптоварени со турските серии и тоа во секое време од денот и во ударни термини.

- И деца ги гледаат бидејќи ги гледаат нивните баби, дедовци, родители, додека ги чуваат. А децата ги имитираат ликовите, па во градинките дури се ословуваат со нивните ликови. Во време кога беше актуелна онаа серија „Долина на волците“, од наставниците со кои контактираме постојано, добивме информации дека кај децата е зголемена агресивноста. Таа серија беше полна со агресија, оружје, насилство. Серии без никакви вредности како турските и индиските исто така промиваат и кич, шунд, неморално однесување. Улогата на жената како сопруга мајка, работник е сведена на омаложување и враќање наназад. Наместо еманципација, жената се враќа назад кон потчинетост, едноставно не се слуша нејзиниот збор. Облеката во овие серии исто така се традиционална, се промовираат и религиозни вредности кои се преекспонирани. Вредности кои треба да се искоренат, всушност во овие серии се промовираат - вели Стојаноска Иванова.

Од телевизиите често знаат да истакнат дека тие само го емитуваат она што публиката го бара. Но, ретко кој размислува за последиците од оваа евтина програма која им носи огромен профит. Социологот Стојаноска Иванова коментира дека може да се најде некаква средина.

- Може да се најде некоја средина, но наместо тоа, се оди кон профит и заработка. А за тоа дека народот ги бара, тоа само говори кое ни е нивото и колку сме закоравени од традиционализмот. Телевиизите мора да емитираат и културно образовни програми кои пред с` ќе промовираат вистински вредности и едукација. Емисијата „Пет плус“ со ликот Петко би ја издвоила како добра програма за деца. Но, мора да има повеќе емисии кои културно ќе ги издигнат младите, а се разбира мора да се внимава да се соодветни на нивната возраст. Родителите мора да обрнат внимание децата да не гледаат соджини во кои има насилство, агресија, неморални вредности - вели Стојаноска Иванова

Дека многу ученици гледаат турски серии, ни потврди и училишниот психолог Гордана Михајловска.

- Децата разговараат за ликовите, си ги прераскажуваат, се поистоветуваат со нив. А кои им се идоли? Се запрашуваат ли некогаш ова родителите кои им дозволуваат да гледаат ваква програма. За мене искрено, пострашни се овие серии отколку седење пред компјутер. Компјутерот е алатка која ако се користи мудро помага во едукацијата - вели Михајловска.

Родителот Сузана Јовановска вели дека вистинска реткост е на македонските телевизии да сретне соодветна програма за нејзините деца.

- Имам син во шесто одделение и петгодишна ќерка. Ние дома не гледаме серии, па ни тие нема каде да гледаат. Со оглед на тоа што едвај може да најдам некоја едукативна програма на македонски јазик, гледаме на Интернет. Ретко има и надсинхронизирани цртани на Македонски јазик. „Маша и Медо“ е најпопуларниот цртан веќе неколку години по ред, а ние мора да го гледаме на српски, бугарски или руски. Нашите телевизии воопшто не водат грижа за културно-образовна програма - вели таа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование