X
 14.09.2017 Живот

Зошто не испитуваме дали сме депонија за храна во Европа?

Македонските граѓани јадат германска храна, но таа храна не ја јадат и Германците. Сепак, ова е само претпоставка на многумина зашто Агенцијата за храна и ветеринарство-АХВ досега нема направено лабораториско испитување за да го спореди квалитетот на производите на големи компании што се продаваат тука со оние во развиените западни држави. Пред десетина дена Хрватска ги објави резултатите од вакво испитување и покажа дека храната е со различен квалитет.



За тоа што се јаде во различни земји и дали ист производ е со ист квалитет во различни држави со месеци се води широка дискусија меѓу земјите членки на Европската Унија, а има реакции и во државите што сакаат да бидат дел од ЕУ. Сега останува да се види дали ќе се преземат мерки околу двојните стандарди.

Што открија Хрватите?

Европарламентарката Билјана Борозан ги претстави резултатите од лабораториската анализа на инженерите на хрватската Агенција за храна за производи што се пласираат на хрватскиот и на германскиот пазар, а чиј состав и квалитет би требало да е ист.

- Како што открија Борозан и директорката на хрватската Агенција за храна, Андреа Грос-Бошковиќ, анализата очекувано покажала дека кај повеќе од половина од испитаните производи има сериозна разлика во квалитетот – пишува хрватскиот портал „Телеграм“.

Истражувањето покажало дека само кај 4 од испитаните 26 производи (15 проценти) немало разлика во квалитет и во цена. Кај 54 отсто од производите била утврдена разлика во квалитетот, додека повеќе од 60 отсто во моментот на купување биле поскапи на хрватскиот пазар.

Најголеми разлики биле уочени кај пет прехранбени производи и еден детергент. Испитувањето на примероци на виршли од пилешко и мисиркино месо на хрватскиот пазар, спротивно на називот, покажало дека тие биле направени од т.н. обезкостено месо, кое според прописите на ЕУ не смее да се означува како месо. Германскиот производ бил направен од вистинското пилешко и мисиркино месо. Борозан наведува и пример кога во детска кашичка за Хрватска имало многу помалку зеленчук од онаа што се продава во Германија, а многу повеќе ориз. И двата производа биле ставени под иста шифра за артиклот, а оној за хрватскиот пазар бил поскап за повеќе од 50 проценти.

Истражувањето на детергент за перење алишта, пак, покажало дека оној што се продава во Германија е поефикасен на пониска температура.
- И ова истражување, како и поранешните европски, ја потврди оправданоста на ставот на повеќе од 80 отсто од нашите граѓани кои мислат дека мултинационалните компании ги третираат како граѓани од втор ред. Мојата работа е ЕУ да работи за луѓето, а овие резултати се голем придонес за решавање на овој проблем на ниво на ЕУ. Резултатите веќе му се пратени на комесарот на Европската комисија за заштита на потрошувачите, Вера Јоурова – вели Борозан.

Македонската Агенција за храна: „Никој не ни се пожалил“

Македонската Агенција за храна и ветеринарство ја испитува безбедноста на производот, го проверува и квалитетот, но не прави споредба дали е ист со ист таков производ што се продава во друга држава. Оттаму не одговараат директно на тоа зошто не се прават испитувања. Велат дека никој не поднел претставка за различен квалитет.

- Aгенцијата за храна и ветеринарство досега нема направено лабораториско испитување на производи заради споредбено утврдување на квалитетот. Лабораториски се испитуваат безбедноста и квалитетот на производите, но од аспект на проверка дали она што е запишано на декларацијата соодветствува со составот. До Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ досега не се поднесени претставки по однос на отстапувања во квалитетот на два исти прехранбени производи – велат оттаму.

За да се стави во промет храната во Република Македонија, без оглед дали станува збор за храна од домашно производство или од увоз, неопходно е да ги исполни општите и посебните услови за безбедност, дефинирани со законски и подзконски акти.

- Засега, приоритет за Агенцијата, во согласност со Законот за безбедност на храната, е контролата на безбедноста на производите и нивниот квалитет, односно утврдувањето дали производите што се пласираат на македонскиот пазар ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната – објаснуваат од АХВ.

Лабораториски испитувања за споредување на квалитетот може да се вршат единствено во акредитирани лаборатории со акредитирани методи.

- Годинава не е планирано спроведување на ваков тип опсежно истражување во Република Македонија. Инспекциските служби на Агенцијата, во рамките на редовните инспекциски контроли, наскоро ќе го спроведат мониторирањето на квалитетот на производи од животинско потекло (млечни и месни преработки), од домашно производство и од увоз од ЕУ и од трети земји, а кои се пласирани на македонскиот пазар – додаваат од АХВ.

Се чека европска реакција

Од Организација на потрошувачите на Македонија сметаат дека истражувањето, доколку се прави, треба да го прават државните агенции.
- Видовме што покажаа резултатите на хрватската агенција. Останува да видиме што сега ќе преземат државите. Има производи што се продаваат под исто име, бренд, а кои имаат различни декларации во различни земји, значи различен состав. Ова е големо прашање и да видиме како ќе се води дискусијата во ЕУ и што ќе се преземе – вели Маријана Лончар-Велкова, претседателка на организацијата.

Проблемот со нееднаквиот квалитет на храната и стока во февруари годинава го отвори словачкиот премиер Роберт Фицо. Тој побара од Европската комисија итно да се реши проблемот со неквалитетната храна и стока со лош квалитет од Западот што им се нуди на граѓаните од посткомунистичките земји. Вишеградската група земји (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) побара од Европската Унија да се спречи неприфатливата практика големите производители да може да пласираат исти производи со различен квалитет во различни земји.

Чешка прва спроведе официјален тест на составот и квалитетот на намирници и одбрана стока за да ја докаже практиката на двојни аршини. Истото го направи и Словачка, а неодамна тестирање на производите објави и Романија. Исходот од тестирањата покажува дека производите се разликуваат, зависно од тоа на кој пазар одат, а граѓаните на посткомунистичките членки на ЕУ за своите пари под истото име од компаниите добиваат производ со полош квалитет.

Лондонскиот магазин „Економист“ неодамна објави сторија за двојните стандарди во квалитетот на храната, во која пишува дека Чесите што живеат близу границата со Германија купуваат храна од германските маркети, кои нуделе услуги и на чешки јазик. Меѓу поинтересните искуства се пренесува тоа на чешкиот државјанин Зденек Куклик, чие бебе го хранеле со кашички купени од германските маркети, но кога му дале иста таква кашичка купена во Чешка, тоа веднаш ја исплукало.

- Европската комисија смета дека проблемот со различни производи со исто име не е безначаен и ќе му обрне внимание. Таа практика, на пример, во сувомесните производи за новите Европејци да има помалку месо и повеќе адитиви иако цената е иста, или практиката прашокот за перење подобро да пере на Запад отколку на Исток, за Европската комисија е неприфатлива, иако за тоа засега не се потребни нови законски прописи - рече Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија.

Словачкиот премиер Фицо во Брисел, на состанок со Јункер, рече дека Чесите, Унгарците, Словаците и Полјаците имаат целосно право да ги добиваат истите производи под исто име и квалитет и дека е време да престанат да бидат европска канта за ѓубре.

Депонија?

Претседателот на Националната организација на потрошувачи на Србија, Горан Паповиќ, изјави дека стока со различен квалитет и состав, а со иста амбалажа се продава и во Србија. Според него, кога на декларацијата пишува упатство или состав на српски јазик или на хрватски или на македонски јазик, тогаш таа стока е наменета за трета земја. А ако декларацијата е на германски, англиски, француски, шпански, тогаш производите доаѓаат од матичниот погон.

- Исти намирници и производи како и нам, им се сервираат и во Унгарија, Словачка, Полска, како и во сите земји што се приклучени на Европската Унија. Затоа премиерот на Словачка, Фицо, ѝ даде рок на Европската комисија до наесен да почне да го решава проблемот со различниот состав на истите намирници и производи и се закани дека Словачка може да воведе еднострано ембарго и да ги повлече намирниците на Западна Европа од словачките ресторани - рече Паповиќ.

Тој потенцира дека Србија има многу поголеми проблеми од земјите на Вишеградската група по прашањето за стока што се увезува од ЕУ.

- Ако членките на Вишеградската група за себе велат дека се канта за ѓубре на Европската Унија, тогаш ние сме депонија - истакнува Паповиќ.

Инаку, големите произведувачи на храна, мултинационалните компании, се правдаат дека разликата во квалитетот е поради различните вкусови што ги преферираат потрошувачите во различни земји.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот