X
 01.11.2017 Економија

Што најмногу извезуваме и увезуваме?

Необработена платина или платина во прав, средни, тешки и гасни масла, керамички производи за лабораториска, хемиска или друга техничка употреба, необработен паладиум или паладиум во прав и електрична енергија се првите пет на листата со најувезуваните производи за минатата година. Ист е редоследот и за првото полугодие од 2017, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. На листата најувезувани се и лекови и телефони.

Клик за поголема резолуција

Најмногу извезуваме катализатори на подлога со благороден метал или со соединенија на благородни метали како активна материја, машини и апарати за филтрирање и пречистување на гасови, сетови и спроводници за палење, како и други сетови на спроводници за возила, воздухоплови или бродови. Четврти на листата се иницијатори на реакција, забрзувачи на реакција и каталитички препарати, а петти - моторни возила за превоз на десет и повеќе лица, броејќи го и возачот, со клипен мотор со внатрешно согорување на палење со помош на компресија. Веднаш по нив на листата се тутун, феро-никел, делови за седишта и памучни кошули за мажи и момчиња. Овие производи се најизвезувани и лани и во текот на првата половина од годинава. На списокот се и лекови, руди на бакар и концентрати, руди на олово, женски блузи и кошули, леб, печива, бисквити...

Клик за поголема резолуција

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 196.628.850.000 денари и бележи пораст од 14 проценти во споредба со истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока во овој период изнесува 266.634.168.000 денари, што е за 9,8 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Трговскиот дефицит во периодот јануари-август 2017 година изнесува 70.005.319.000 денари. Покриеноста на увозот со извоз, пак, изнесува 73,7 отсто. Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Бугарија.

Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава лани изнесува 266.650.320.000 денари и пораснала за 6,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока во овој период изнесува 376.130.328.000 денари, што е за 5,7 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит во периодот јануари-декември 2016 година изнесува 109.480.008.000 денари.

Покриеноста на увозот со извоз, пак, изнесува 70,9 отсто. Во овој период, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Италија.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија