X
 05.11.2017 Живот

Кршливата генерација

Во истражувањето на списанието „Родители“ од пред неколку години се вели дека малите деца се доволно возрасни за да можат накратко да останат сами дома. Но, смеете ли да ги оставите додека играат со други деца додека вие одите да завршите одредени обврски? „Никако“, порачуваат во текстот, „или понесете ги со вас или одложете ги обврските“.


Фото: Pixabay

Принципот е едноставен – оваа генерација на деца мора да биде заштитена како ниедна до сега. Не смеат да користат алатки, не смеат да играат на трева и не треба да се очекува да бидат во состојба самите да ги решат недоразбирањата со пријателите. На цела генерација на деца има објаснивме дека никогаш не можат да бидат доволно сигурни и тие ни поверуваа.

Безбедноста на прво место

Секако дека намерите биле најдобри. Кога ги одгледуваме деца кои не се навикнати самите да се соочуваат со ризици, неуспеси и повредени чувства, тоа го загрозува не само нашето општество, туку и нашата економија. Сепак, модерниот начин на воспитување и законите се токму такви што грижливо ја негуваат неподготвеноста. Владее страв дека се што ќе видат, изедат и направат децата, може да ги повреди. А преку високото образование се шири страв дека и зборовите и идеите може да бидат трауматични.

Ваквите промени настапиле заради различното сфаќање на родителите, новите стандарди, технолошкиот развој, па децата ја губат шансата да искусат игра без надзор, да истражуваат. Сето ова е закана за отвореноста и прилагодувањето, особини кои им се потребни на младите за да имаат успех подоцна во животот. Премногу се чувствителни и ја преувеличуваат опасноста. Прерано се обидуваме да ги заштитиме своите деца, а со тоа ги заштитуваме и од постигнувањето успеси и преземањето ризици.

Деца на поводник

Порано децата имале повеќе слободно време, а денес голем дел од нив не можат ни да замислат како изгледа тоа. Голем број од нив имаат бројни активности и по училиште, различни курсеви и тренинзи и поминуваат многу малку време со семејството. Исто така, домашните задачи се обемни и им одземаат многу време. Ретко кога децата имаат време за возење велосипед и игра. Спортовите за млади денес се бизниси со голем обрт на пари. Децата се или на музичко училиште, или на приватни часови, или пред компјутер. Дури и самите родители ако инсистираат децата да излезат надвор и да играат, тие нема да можат да пронајдат други деца со кои ќе се дружат.

Опасни работи

Секако не постои чувство на сигурност. Родителите постојано стравуваат од опасности, киднапирања и повредувања, па затоа децата речиси никаде не се пуштаат сами. Понекогаш изгледа како измислувањето на опасности да станува дел од нашата култура само колку за нешто да се грижиме, па паранојата и прекумерниот страв владее и меѓу возрасните и меѓу младите. Децата учат од искуства, па преголемата грижа и надзор нема секогаш да му помогне на детето, често го прави неспособно самото да се грижи за себе и да донесува самостојни одлуки.

Трофеи и трауми

Денешната слободна игра подразбира организирани активности кои ги водат возрасните. Добивањето трофеи станува мода, а не вистински успех на децата заради вложениот труд. Со тоа и самите деца се под постојан притисок, обидувајќи се да ги исполнат очекувањата на родителите, а сето тоа за нив е траума. Лесно е да се исмејува кулурата која ги учи децата да очекуваат аплауз за се што ќе направат, но многу повеќе загрижува можноста дека тие трофеи за учествување направиле децата да не можат да го поднесат фактот дека не се најдобри во нешто. Се создаваат генерации на млади луѓе на кои не им е дадена прилика да искусат неуспех и да сфатат дека можат да го надминат. Природно е да се сака нашите деца да бидат среќни, но вистинскиот пат до среќата не е само повеќе пофалби – среќата се постигнува со развивање на емоционална отпорност.

Играта е главна

Играта е природен нагон. Играта е вежба на живеењето. Во слободната игра децата имаат различна возраст и самите одлучуваат што и како ќе се прави. Тоа е вистинска тимска работа, се учат на зрелост и емпатија. А исто така, и самите ги решаваат проблемите, па се учат на независност. Токму ова е она што најмногу им недостига на денешните деца. Најголемиот дел од времето го поминуваат пред компјутер, а комуникацијата ја остваруваат во виртуелен нереален свет, на Интернет. Неорганизираното време без надзор, е една од најважните работи која мора да им се врати на децата, ако сакаме да бидат силни, среќни и отпорни.

Без забава и задоволство

Кога родителите на децата им ја кратат независноста, не само што им ја кратат и забавата, туку и на себе си го одземаат задоволството да ги гледаат своите деца како прават нешто паметно, важно или благородно, без надзор од возрасни. Кога на своите деца не им даваме да прават било што сами, не можеме ни да увидиме колку се всушност способни, а зарем тоа не е едно од најолемите задоволства на родителите?

Што треба да се направи?


Општеството ги третира децата како емотивно, општествено и физичко чувствителни, па тие и такви стануваат. Децата знаат дека нивните родители имале повеќе слобода на движење и слободно време. Свесни се дека порано се верувало дека децата ќе умеат да примат по некој удар, во училиште и надвор од неа. Да се надеваме дека и денешните деца ќе започнат да ја бараат таа независност и почитување. На крајот на краиштата, тие се оние на кои им е одземена слободата. Денешните деца се побезбедни попаметни отколку што оваа нова култура ги смета. Тие ја заслужуваат слободата што и претхоните генерации ја имале. Од тоа зависи иднината.

Текст на: Ленор Скенази и Џонатан Хајт
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот