X
 30.11.2017 Култура

„Снежната кралица“ ќе ве натера да размислите колку е важно другарството

Другарството треба да се негува, тоа е нежно и цврсто истовремено. Лесно може да се скрши, ама треба да правиме сè за да го направиме подобро и да го задржиме. Ова сака да ги научи децата претставата „Снежната кралица“, чија премиера беше синоќа на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје.

Ана Левајковиќ-Бошков и Бојан Кирковски

Ханс Кристијан Андерсен уште пред речиси два века ја создал приказната за снежната кралица со замрзнато срце, а на неговата предлошка, како и од популарниот цртан „Frozen“, нашиот драматург Билјана Крајчевска создаде драмски текст близок на детската публика.
Заедно со режисерката Драгана Милошевска-Попов, создаде свет во свет, нѐ прошета низ времиња и незгоди, нѐ маѓепса со прекрасните бои на детството и природата. Aплаузите беа повеќе од заслужени.


Актерите, како и секогаш, во одлична форма и подготвени да ги предизвикаат детските насмевки. Ана Левајковиќ-Бошков ги остави без зборови децата во публика со својот ладен израз на лицето и играта. Играа: Сара Климоска, Бојан Кирковски, Емра Куртишова, Мартин Јордановски, Симона Спировска, Мики Анчевски, кој направи најголеми трансформации во неколкуте улоги што ги толкуваше и предизвика најмногу воздишки кај публиката.



„Снежната кралица“ е прва премиера сезонава во Театарот за деца и младинци. Темата е целосно погодена за периодот од годината. И многу важно, не е типична приказна наменета само за девојчиња, туку „за сите деца, а и за тие што некогаш биле деца“.
Омилениот детски театар продолжува со нов предизвик – „Сидарта“ во режија на Јане Спасиќ, која ќе биде наменета за младинската публика.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура