X
 20.12.2017 Култура

Кој е луд, прашува Драмски со „Лет над кукавичјото гнездо“

Премиерата на претставата во режија на Ристе Алексовски ќе биде на 22 декември во 20 часот

Што претставува лудоста сама по себе? Кој е луд? Ова се дел од прашањата што претставата „Лет над кукавичjото гнездо“, по култниот роман на Кен Киси и драматизација на Дејл Васерман, ќе ги отвори Драмскиот театар од Скопје, во петок од 20 часот. Претставата е во режија на Ристе Алексовски, кој последен пат ја работеше „Секс, дрога и рокенрол“, монодрама на Сашо Тасевски, која е на тековниот репертоар на Драмски.


„Лет над кукавичјото гнездо“ прв пат се поставува на сцена на македонски театар.
И во оваа претстава Тасевски ја толкува главната улога, на Мекмарфи.

- Долго време живееме во такво гнездо кои сами си го изградивме. Ретки се птиците што успеваат да излезат од жабурник. Имавме многу краток период, 30 проби. Актерите создадоа улоги за што заслужуваат награди. Мислам дека оваа претстава ќе биде точка на пресврт во Драмски. Не ни беше во план за годинава, ама откако Оливер Фрлиќ откажа да работи, го поканив Ристе Алексовски да ја режира „Лет над кукавичјото гнездо“. Главната улога првично му беше доделена на одличен актер од Драмски (Дејан Лилиќ, н.з), ама од објективни причини тој ја одби. Јас ја прифатив понудата, зашто сакав и да го поддржам режисерот, кој на почетокот се соочи со малку недоверба од ансамблот – објасни Тасевски.
Тој ни сподели дека и голем дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство изразило желба да ја гледа претставата на претпремиерата на 21 декември.


Тасевски додаде дека со актерите што играат во претставата се договориле да не го гледаат култниот филм на Милош Форман за да не им влијае во креацијата на улогите. - Ова е претстава на актерите на Драмски. Ми беше исклучително задоволство да работам со овие прекрасни луѓе од различни генерации, кои имаат специјална актерска ДНК, луѓе кои безрезервно се посветени. Во овој луд свет во кој живееме, пробуваме да си одгатнеме важно прашање – кој е луд и што претставува лудоста сама по себе – вели Алексовски.

На прашањето дали има разлика во пристапот на работа во алтернативен театар и во национален, Алексовски вели:

- Има разлика во логистиката, и дека театарот се грижи за многу работи што обично во помал театар треба да ги мислиш. Но, нема разлика во мојот пристап на работа.

Главната женска улога, односно сестра Речид ја толкува Емилија Мицевска.
- Глумам комплексен лик, кој знае само за контрола и дисциплина. Големи теми третира текстот. Им благодарам на колегите кои многу ми помогнаа со нивните сугестии и критики. Во нашата работа не треба да постои лицемерие, тогаш ќе ги создадеме вистинските нешта – истакна Мицевска.


Во претставата играат и: Соња Стамболџиоска, Благој Чоревски, Диме Илиев, Златко Митрески, Ѓорги Тодоровски, Ненад Нацев, Игор Ангелов, Предраг Павловски, Мелита Софрониоска и Александра Павлова.
Работевме како еден и тоа за многу малку време, нагласи Чоревски.

- Стравот е најголемиот непријател на човекот, луѓето во претставата прават бегство од стравот кој не можат да го победат – рече актерот Нацев, кој гостува во претставата. Сценографијата и костимографијата се на Ѓорѓе Јовановиќ, а музиката – на Милан Димушевски. Јовановиќ истакна дека се одлучил за минималистичка сценографија, која е рамноправен член на актерската игра.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура