Програмите како „Џимејл“, апликациите на „Мајкрософт“ и „Фејсбук“, кои со години се дел од нашиот секојдневен живот, тивко ја интегрираа вештачката интелигенција (ВИ).
Почетокот на годината е одлично време да ја проверите вашата сајбер-безбедност. Сите сме научени да ажурираме софтвер, да менуваме лозинки и да ги закрпиме дупките во системите. Сепак, голема загриженост е тивката интеграција на функциите на вештачката интелигенција во секојдневните програми.
Линет Овенс, потпретседател за глобално образование на потрошувачите во „Тренд микро“, истакнува дека брзиот развој на вештачката интелигенција покренува сериозни прашања за приватноста бидејќи многу платформи користат застарени политики за приватност.
- Ова нѐ прави ранливи при користење на нашите лични податоци без соодветна согласност - објаснува Овенс.
Многу од програмите што ги користиме секој ден вклучуваат вештачка интелигенција. На пример, „Џимејл“ користи вештачка интелигенција за филтрирање на спам и функцијата „Паметно пишување“. „Нетфликс“ ги анализира навиките за гледање на корисниците за да препорача содржина, додека социјалните мрежи како „Фејсбук“ користат вештачка интелигенција за препознавање лица и лична содржина.
Функцијата „Поврзани искуства“ на „Мајкрософт“, активна од 2019 година, неодамна предизвика интерес. Функцијата овозможува соработка во реално време, но експертите предупредуваат дека покренува сериозни прашања за заштита на податоците. Тед Мирако, извршен директор на „Апрув“, истакнува дека поставувањето на овие функции како стандардни е значаен ризик за приватноста на корисниците. Тој верува дека компаниите треба да им дозволат на корисниците сами да одлучат дали сакаат да споделуваат податоци.
Како да управувате со ризиците?
Повеќето програми ви дозволуваат да ги исклучите функциите на вештачката интелигенција во поставките, но за тоа се потребни неколку чекори. На пример:
„Мајкрософт ворд“: Одете во „File/Датотека“ > „Account/Сметка“ > „Privacy Settings/Поставки за приватност“ и исклучете ги „Connected Experiences/Поврзани искуства“.
„Џимејл“: отворете ја апликацијата, одете во „Settings/Поставки“ > „Choose account/изберете сметка“ > „Smart features/Паметни функции“ и отштиклирајте ги опциите за персонализација.
Иако овие упатства се релативно едноставни, експертите тврдат дека товарот не треба да биде на корисниците.
- Без јасни системи за комуникација и согласност, корисниците остануваат ранливи на ненамерна злоупотреба на нивните податоци од страна на вештачката интелигенција - известува Си-ен-би-си.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik