Вештачката интелигенција, како што е „Чет-ГПТ“, може да биде исто толку ефикасна, ако не и подобра од човечки психотерапевт кога станува збор за менталното здравје. До овој заклучок дошле истражувачи од Универзитетот во Охајо и Институтот „Хач дејта енд ментал хелт“.
Истражувањето покажало дека луѓето забележуваат разлика во јазичните обрасци, но ретко можат да препознаат дали одговорите ги дал човек или вештачка интелигенција. Дополнително, анализата покажала дека одговорите генерирани од „Чет-ГПТ“ подобро ги следат основните психотерапевтски принципи, покажуваат поголема почит кон клиентите и им оставаат простор самите да донесуваат одлуки.
Подолги и поконкретни одговори
Дополнителната анализа открила дека „Чет-ГПТ“ дава подолги одговори во споредба со терапевтите, користејќи повеќе именки и придавки. Бидејќи именките се користат за опишување луѓе, места и предмети, а придавките додаваат контекст, ова може да значи дека „Чет-ГПТ“ дава подетални и поконкретни одговори од терапевтите. Според истражувачите, токму оваа подетална контекстуализација ги навела испитаниците да му дадат подобри оцени.
- Од создавањето на Елиза пред речиси 60 години, истражувачите дебатираат дали вештачката интелигенција може да ја преземе улогата на терапевт. Иако сè уште постојат многу важни прашања, нашите наоди покажуваат дека одговорот би можел да биде позитивен - заклучуваат авторите на истражувањето и повикуваат на дополнителни анализи за етиката, изводливоста и корисноста на интегрирањето на вештачката интелигенција во процесите за третман на менталното здравје.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik