X
 17.02.2025 Живот

Награда од 60.000 евра за изгубена овца-уметник: Целиот свет ја бара овцата Бенкси

Азил за животни во Западен Кејп, Јужноафриканската Република, нуди награда за информации за нивната овца Бенкси, која последен пат била видена на 1 февруари.

Овцата го добила името по познатиот британски уметник Бенкси, а станала славна поради своите слики, кои му носеле значителни приходи на азилот.

Иако на прв поглед звучи како шега, Бенкси навистина сликала – нејзините уметнички дела се документирани и веќе се продадени. Една од нејзините слики била продадена за 35.000 јужноафрикански ранди (околу 1.800 евра).

- Тоа неделно утро ни дојде семејство од Велика Британија кое сакаше да инвестира во уметноста. Но, Бенкси никаде ја немаше. Прво помисливме дека се крие, но подоцна ја алармиравме полицијата - соопштија од азилот.

Мистериозно исчезнување


Во обид да ја најде својата талентирана овца, азилот нуди награда од 1,2 милиони јужноафрикански ранди (околу 60.000 евра).

- Не знаеме дали станува збор за кражба или нечија злобна шега, но немаше никакви знаци на провала - велат од азилот.

Според нив, Бенкси не била обична овца, нејзиното исчезнување го доживуваат како загуба на член од семејството.

- Бенкси е единствената овца во светот што знае да слика - тврдат тие.

Полицијата во моментов истражува и можни кражби на добиток, но засега нема нови информации за судбината на оваа необична уметница.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот