X
 17.03.2026 Живот

МЗ: Од 1 мај пониски цени за над 300 лека, меѓу кои и „ксарелто“ за третман на кардиоваскуларни заболувања

Министерството за здравство ја информира јавноста дека е спроведено годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година, согласно важечката методологија за формирање на цените.

- Цените на лековите претставуваат клучен инструмент за обезбедување достапна терапија за граѓаните и одржливост на здравствениот систем, поради што нивното утврдување е стратешка одлука со директно влијание врз јавните здравствени расходи - појаснува министерот за здравство Азир Алиу.

Врз основа на анализите и преговорите, утврдени се намалувања на максималните цени кај лековите каде што постојат соодветни пазарни показатели.

На веб-страницата на Министерство се објавени одлуките со новите намалени максимални цени (Одлука за утврдување на максимална цена на големо на генерички лек и Одлука за утврдување на максимална цена на големо на лек на оригинаторотпри што намалување е постигнато кај:

- 156 оригинаторни лекови
- 174 генерички лекови
- 13 лекови од интервентен увоз.

Новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало.

Особено го издвојуваме намалувањето на цената на лекот „ксарелто“ (ривароксабан), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања.

Кај овој лек е постигнато значително намалување на цената во прометот на големо:

-за таблети од 15 mg и 20 mg: од 2.307,48 денари на 1.606,10 денари
-за таблети од 10 mg: од 824,10 денари на 589,45 денари.


· Со оваа мерка се овозможува поголема достапност на терапијата за пациентите, особено имајќи предвид дека станува збор за лек кој често се набавуваше од странство поради пониски цени - потенцира министерот Алиу.

Министерството информира дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку утврден надомест од државата, а пациентот ќе имаат право на избор на лек од различен производител.

Фото: Freepik
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот