X
 17.06.2019 Живот

Бабите од Чернобил што три децении ѝ пркосат на радијацијата

Пред повеќе од три децении се случи една од најголемите светски катастрофи - експлодира јадрото на нуклеарната електрана во Чернобил. Поради големата радијација што од реакторот се ширела со неверојатна брзина, градот бил евакуиран. Но, неколку жени одлучиле да се вратат во своите домови.

Чернобил и Припјат биле евакуирани во далечната 1986 година и оттогаш таму никој не смее да живее. Барем тоа било правилото по нуклеарната катастрофа. Сепак, неколку жени одлучиле да се вратат во своите домови бидејќи за нив не постоело друго место што можеле да го наречат свој дом.

Властите дозволиле постарите луѓе да се вратат во своите домови затоа што сметале дека помладите биле поподложни на влијанијата од радијацијата. Повеќето стари луѓе биле жени, а за нив е снимен и документарецот наречен „Бабушките на Чернобил“.

Овие храбри жени преживеале војни и окупации и радиоактивноста воопшто не ги плаши. Често повторуваат дека побрзо би умреле отколку да ги напуштат своите домови. Како што велат, гладувањето ги плаши повеќе од што било. Тие живеат во место што за останатиот дел од светот престанал да постои во текот на 80-тите години. Во градот каде што застанало времето, тие сè уште живеат со своите рутини и навики.

Нивните сопрузи починале од природна смрт, а тие останатиот свој живот сакале да го поминат дружејќи се во градот во кој се родиле и пораснале. Доколку закажете туристичка обиколка во Чернобил, можете да платите дополнителна цена за да ги посетите жителите на овој град. Тие се навикнати на љубопитните посетители и со сите трпеливо ја раскажуваат својата приказна.

Тие се сведоци на историското случување, за кое често раскажуваат низ солзи. Велат дека по евакуацијата, луѓето во другите градови каде што биле сместени, не сакале да им дадат ни чаша вода, бидејќи се плашеле дека ќе ги заразат со радијацијата. Чернобилските бабушки од година на година се сè помалку, а наскоро нема ни да постојат.

Жените што се појавуваат во документарецот раскажуваат за својот живот во селото Машево, што денес претставува најопасна зона.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот