X
 17.06.2021 Живот

Стравот на Северна Кореја од јужнокорејските сапуници

Севернокорејскиот режим сѐ повеќе ги испраќа луѓето во работни логори, па дури и на стрелање, доколку направат страшен „грев“ - односно доколку гледаат странски филмови или слушаат странска музика. Дури и одредена фризура може да донесе смртна казна.

Шест деца неодамна беа донесени во синџири во севернокорејскиот суд и беа подложени на строго испрашување, изјави извор од оваа земја. Три момчиња и четири тинејџерки завршија на јавно судење во Нампа. Сѐ изгледало како површно и аматерско, а државниот обвинител детално ги објасни „тешките злосторства“ за кои беа изведени пред судот.

Децата беа осудени на пет години во еден од озлогласените кампови за превоспитување во Северна Кореја. Меѓутоа, младите имаа среќа бидејќи „злосторствата“ за кои беа осудени обично завршуваат со „доживотно работење во кампови за превоспитување“ или „егзекуција“.

Страв од „инфекција“ со идеи

Во текот на изминатите три години севернокорејските власти со драстични мерки ги спречија граѓаните да гледаат вести, филмови и други програми создадени надвор од границите на оваа изолирана земја.

Полицијата ги апси оние за кои се верува дека ја потстрижале косата и направиле фризури под влијание на јужнокорејските актери, оние што носат облека каква што се носи во странство, користат сленг или изрази вообичаени за областа јужно од демилитаризираната зона што го дели Корејскиот Полуостров.

Дејствувајќи според извештаите, тајната полиција упаѓа во домови за кои се сомневаат дека имаат ДВД или УСБ-стикови што содржат „опасна“ содржина, како што се странските филмови. Тие се шверцуваат во земјата преку Кина или се ослободуваат со балони преку границата од активисти и дисиденти од Јужна Кореја.

koreja
Фото: Korean Central News Agency

Применетата сила покажува дека Ким Јонг-ун е доста загрижен затоа што помладите генерации знаат што се случува надвор од земјата. Се смета дека кај младите луѓе, со оглед на тоа што се вооружени со информации и докази за лагите на нивните водачи, би можело да порасне незадоволството и да се јави отпор, па Северна Кореја да претрпи внатрешен колапс.

- Ким и горните ешалони на режимот многу се плашат од пораки и информации однадвор кои влегуваат во земјата и влијаат врз начинот на кој размислуваат луѓето - вели Тошимитсу Шигемура, професор на универзитетот „Васеда“ во Токио и автор на голем број книги и трудови на династијата Ким.

- Тие се плашат дека младите ќе ѝ свртат грб на севернокорејската култура - што во суштина значи лојалност кон династијата Ким и нивниот политички систем, што многу лесно може да биде фатално за режимот - вели Шигемура.

- Властите жестоко го напаѓаат оној што ќе го фатат бидејќи знаат дека целиот систем може да пропадне ако армијата „се зарази“ со идеи однадвор и ако се прошири на партијата - додава професорот.

Опстанок на режимот

Ра Јонг-јил, поранешен дипломат и шеф на одделот за разузнавање на Јужна Кореја, задолжен за следење на нејзините северни соседи, вели дека Пјонгјанг се спротивставил на геополитичките, воените и економските притисоци во последните пет децении, вклучително и санкциите за нуклеарно оружје и ракетни програми. Затоа, вели тој, би било „повеќе од иронично“ доколку шверцуваните јужнокорејски сапуници го клекнат режимот на колена.

- Во тоталитарна држава како Северна Кореја, нешто банално како гледање филмови и странски програми е многу сериозна закана за опстанокот на режимот. Што и да направи нивната тајна полиција, мислам дека ќе биде речиси невозможно сега да се врати „духот во ламбата“. Премногу луѓе во Северна Кореја можеа да видат каков е животот во остатокот од светот - вели Ра.

2
Фото: Wikipedia

Тој верува дека постојат паралели помеѓу она што се случува денес во Северна Кореја и распадот на Советскиот Сојуз. Додека Советите покажаа модел на сателит Спутник, Американците покажаа обична кујна со електрични апарати, карактеристична за семејство од средна класа. Таа кујна беше моќно оружје во пропагандната војна затоа што покажа дека луѓето на други места имаат поудобен живот.

Реакциите на севернокорејската диктатура се предвидливи. Во март, официјалниот весник „Родонг Синмун“ објави серија написи во кои се осудува „дегенерираниот“ начин на кој многу Севернокорејци се облекуваат, зборуваат и се шминкаат.

- Прашање е дали ќе можеме да го заштитиме нашиот национален идентитет од инвазија на сите видови нездрави и перверзни идеологии и стилови на живот - пишува во весникот.

Во мај, сопругата, синот и ќерката на еден човек биле принудени да застанат во првиот ред додека стрелачката екипа во Вонсан го стрелала мажот. Виновен бил поради наводна продажба на цедиња со јужнокорејски филмови, драми и музички спотови.

Членовите на семејството колабирале додека го гледале погубувањето, а потоа војниците ги зеле и ги однеле со возила во логор за политички затвореници. Биле виновни затоа што не го пријавиле сопругот и татко за продажбата.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот