X
 17.07.2018 Култура

Историјата на американско-руските самити


Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин во главниот град на Финска, Хелсинки, со што се запишаа во долгата историја на разговори помеѓу американски и советски и руски лидери, во текот и по Студената војна.

Ви нудиме поглед во историјата на самитите што довеле до овој најновиов.

1
Фото: Getty Images


Претседателот Кенеди се сретна со советскиот премиер Никита Хрушчов во Виена, во 1961 година. Главна тема на разговорите била кризата во Берлин и контролата над поделениот град. За Кенеди, ова била неочекувана непријателска средба во која се чувствувал инфериорен во однос на неговиот советски колега.

- Најлошото нешто во мојот живот. Тој постојано ме напаѓаше и ме критикуваше - изјави тогашниот американски претседател за „Њујорк тајмс“.

2
Фото: Getty Images


Во мај 1972 година претседателот Ричард Никсон и советскиот лидер Леонид Брежнев се сретнале во Москва на нивниот прв самит. Самитот бил знак за добри работни односи помеѓу двајцата лидери и историски договор што поставил граници на брзорастечките нуклеарни арсенали на двете сили.

Никсон го поканил Брежнев во Вашингтон наредната година и потпишале договор за нуклеарно оружје на наредните три самити.

3
Фото: Getty Images


Во ноември 1974 година, наследникот на Никсон, Џералд Форд, првпат се сретнал со Брежнев во рускиот град Владивосток. Односите помеѓу овие два претседатели биле топли и покрај екстремниот студ. Тие разговарале за фудбалот и американскиот фудбал, што и двајцата ги играле во нивната младост.

Форд носел палто од волк од Алјаска.

- Јас сум овца во облека на волк - се пошегувал со новинарите.

4
Фото: Getty Images


Форд и Брежнев повторно се сретнале наредната година во Хелсинки - првиот од неколкуте американско-руски самити што се одржале во финскиот главен град - за Конференцијата за безбедност и соработка во Европа.

Јан Лодал, член на политичкиот тим на Форд на самитот, подоцна напишал дека Брежнев тајно му кажал на Форд дека Советите го поддржуваат неговиот реизбор и ќе направат сѐ што можат за да го реализираат тоа - чуден предзнак за мешање во уште едни американски претседателски избори, 41 година подоцна.

5
Фото: Getty Images


Кон крајот на Студената војна, во декември 1987 година, претседателот Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов се сретнале во Вашингтон, каде што двете држави уште еднаш се вклучиле во прашањето за контрола на нуклеарните резерви и тестирање.

Тие потпишале договор за забрана на нуклеарни проектили од среден дострел, што довело до уништување на 2.992 проектили до 1991 година.

6
Фото: Getty Images


Минатата година, непосредно пред 30-годишнината на договорот, претседателот Трамп го обвини рускиот лидер Владимир Путин за кршење на договорот, тестирајќи и распоредувајќи проектил со среден дострел.

7
Фото: Getty Images


Претседателот Џорџ Буш се сретнал со Горбачов седум пати. До третиот самит, кој се случил во Хелсинки во септември 1990 година, тие воспоставиле топол работен однос врз основа на неколкучасовни разговори, честопати без советници.

Буш се надевал дека ќе добие поддршка од Горбачов во справувањето со агресијата од страна на ирачкиот лидер Садам Хусеин, кој неколку недели претходно го нападнал Кувајт.

Горбачов пристигнал на самитот со подарок за Буш - врамена слика од нив двајцата која ги прикажува двата лидери како боксери, кои стојат во победничка положба, уништувајќи ја фигурата на која пишувало „Студена војна“ на руски.

8
Фото: Getty Images


Претседателот Бил Клинтон се сретнал со рускиот лидер Борис Елцин во Хелсинки, во март 1997 година, за разговори што се сметаат за едни од најважните меѓу САД и Русија од крајот на Студената војна. Односите биле затегнати со експанзијата на НАТО на исток и вклучувањето на поранешните советски блокови.

Елцин на самитот јасно ставил до знаење дека се противи на проширувањето на НАТО, но се согласил да преговара за пакт со Алијансата. Двајцата претседатели се согласиле за намалување на нивните нуклеарни арсенали.

9
Фото: Getty Images


Односите меѓу САД и Русија се влошија откако Путин стана претседател во 2000 година. Џорџ Буш, кој стана претседател на САД една година подоцна, се обиде да го придобие Путин, но нивните односи полека се влошиле во периодот кога Буш беше на власт.

- Мислам дека Путин повеќе не е демократ - изјави тој во посета на премиерот на Словенија во 2006 година.

Кога Барак Обама стана претседател на САД во 2009 година, тој се обиде со нова стратегија за придобивање на Русија. Рускиот лидер се повлече настрана за да се придржи кон руското правило за претседателскиот рок, а на негово место го постави Дмитри Медведев.

Обама се обиде да развие пристојни односи со Медведев и во 2009 година ја испрати државната секретарка Хилари Клинтон да се сретне со нејзиниот руски колега, Сергеј Лавров, со цел повторно да се воспостават односите меѓу САД и Америка. Таа отиде вооружена со играчка-копче на која пишувало „ресетирање“ и на руски и на англиски, иако подоцна било откриено дека рускиот збор што Американците го искористиле значел „преоптоварување“.

10
Фото: Getty Images

11
Фото: Getty Images


Ресетирањето беше еднакво ефективно како копчето. Русија подоцна остро ги отфрли барањата на САД за екстрадиција на „свиркачот“ Едвард Сноуден. Обама го откажал патувањето во Москва и се дистанцирал од Путин.

Потоа во 2014 година Русија го анектирала Крим, првпат кршејќи го Хелсиншкиот договор потпишан од Форд и Бержнев во 1975 година, навлегувајќи во меѓународните санкции. Претседателот Обама го критикуваше Путин, но јасно стави до знаење дека нема намера да влезе во каков било конфликт.

- Ова не е уште една студена војна во која влегуваме. Сега не е време за тоа. Нема лесни одговори, нема воено решение - изјави тој.

12
Фото: Getty Images


Сега и Доналд Трамп се обидува да ги обнови односите со Русија.

Лидерите на САД и на Русија денеска го отворија историскиот самит во Хелсинки, при што Доналд Трамп вети „извонредни односи“, а Владимир Путин истакна дека е крајно време за посветување на споровите во целиот свет.

На почетокот на самитот Трамп рече дека смета оти „светот сака да ги види заедно“. Тој уште порача дека двете земји имаат „големи можности“, но дека не се согласувале во изминатите неколку години и нагласи дека Русија и САД можат да имаат „извонредна врска“. Трамп најави дека на агендата на денешните разговори ќе се најдат трговијата, војската, проектилите, нуклеарното оружје и Кина, вклучувајќи го и нивниот „заеднички пријател“ Си Ѓинпинг од Кина. Тој не ја спомена темата мешањето на Русија во американските избори.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура