Кога ќе замислиме шума, помислуваме на зелени дрвја, песна на птиците и свеж воздух исполнет со мирис на почва. Но, најсеверната шума на светот е нешто сосема поинакво.
Шумата, со својата тишина, мов, ладовина и мирис на земја, е место што кај многумина буди мир. Тоа е простор во кој, барем накратко, се поврзуваме со нашите корени. Шумата може да нè приземји и да нè потсети дека далеку од технологијата, ние сме само мал дел од механизмот наречен планета Земја. Но, постојат разни видови шуми, од оние со свиткани дрвја, преку потопени, па сè до оние чии остатоци се затрупани од песок и силно сонце. Постои и една на крајниот север, најсеверната од сите. Станува збор за шумата Лукунски и не изгледа баш како што замислуваме.
Шума со само еден вид дрво
Лукунски е најсеверната шума на светот и се наоѓа во Русија, во нејзиниот далечен и студен север. Поточно, лоцирана е во краснојарскиот крај, на јужниот брег на реката Лукунск, и е дел од поширокото заштитено природно подрачје, резерватот Тајмир кој е под државна заштита од 1979 година.
Она што ја прави оваа шума уникатна е тоа што во неа расте само една видо дрво - дахурска тиса. Ова дрво може да достигне височина од 5 до 7 метри. Сепак, покрај тисата, во шумата опстојуваат и 268 вида растенија, 78 вида птици и 16 вида цицачи. Лукунски е, всушност, најсеверниот крај на огромна шума што се протега стотици километри кон југ.
Ова е место каде што животот е исклучително тежок. Таму зимата трае од крајот на септември до јуни, а температурите често паѓаат до -45 Целзиусови степени. Во јули просечната температура е нешто попријатна, односно околу 12 степени, а понекогаш може да достигне и до 30 степени. Тогаш пермафростот се топи до длабочина од два метра, додека неговата просечна дебелина во регионот изнесува околу 200 метри.
Во близина на оваа шума се наоѓа уште еден рекордер на северот познат како Ари-Мас. Станува збор за најсеверниот изолиран „шумски остров“. Лоциран е околу шест километри јужно од шумата Лукунски, од која е одвоен со 200 метри широк појас тундра. И оваа шума е заштитена и е дел од резерватот Тајмир. Нејзината површина изнесува 15.611 квадратни километри.