Роботакси на компанијата „Вајмо“, кое се движи без возач, неодамна се најде во непријатна ситуација на улиците на Лос Анџелес. Возилото ненадејно застанало во сообраќајот, потоа завртило лево, што било прекршок, и на крај било запрено од полицаец во центарот на градот.
Додека еден обичен возач речиси сигурно би добил казна за вакво однесување, автономните возила во моментов не можат да бидат парично казнети во Калифорнија бидејќи не постои „вистинска личност“ зад воланот што полицијата би можела да ја повика на одговорност.
Снимката од инцидентот веднаш се прошири на социјалните мрежи. На видеото се гледа бел „јагуар“, самоуправувано возило на „Вајмо“, како стои среде улица во Беверли Хилс, додека возачот на „мерцедес Џ-класа“ зад него бурно реагира.
Според лицето што снимало, човекот со дланка го удрил задниот дел од роботаксито, веројатно од фрустрација, а можеби и со надеж дека така ќе го натера возилото да се придвижи.
Изгледа дека тоа навистина успеало бидејќи таксито продолжило, но проблемите не завршиле тука.
Полицаец во „форд експлорер“ ги вклучил ротационите светла и почнал да го следи роботаксито токму во моментот кога му го пресекол патот на едно електрично возило „мерцедес“ и направило уште едно недозволено свртување.
Збунето од светлата што му светеле одзади, возилото на крајот запрело покрај патот. Не е сосема јасно што точно се случило откако полицаецот излегол од возилото и му се доближил на „јагуарот“, но најверојатно воспоставил контакт со човечки оператор преку телефон, бидејќи во возилото немало ни патници ни возач.
Автономните возила во моментов не можат да добијат сообраќајни казни во Калифорнија бидејќи законот дозволува казнување само на физички лица.
Но, тоа ќе се промени во јули 2026 година, кога полицијата ќе добие овластување да издава таканаречени известувања за прекршување на сообраќајните правила од страна на автономни возила.
Извор:
6yka.com
Фото:
Wikipedia