„Инстаграм“ повторно ги менува правилата на играта. Овој пат, како што тврдат од компанијата, целта е да се подобри корисничкото искуство и да се зголеми безбедноста на корисниците. Сепак, многумина сметаат дека оваа социјална мрежа се грижи повеќе за профитот отколку за заштитата на корисниците, особено кога станува збор за младите.
Поради многубројните критики кои со години се упатуваа на сметка на нејзиното влијание врз тинејџерите, компанијата „Мета“ во последните години воведува нови правила и опции со кои, наводно, треба да се заштитат малолетниците и да им се даде поголема контрола на родителите врз тоа што нивните деца гледаат на мрежата. Колку овие промени навистина придонеле за намалување на штетната содржина, тешко е да се процени. Од „Мета“ претходно тврдеа дека родителите добиле подобри алатки за надзор, но дека многумина не ги користат, додека дел од експертите сметаат дека нивните мерки се повеќе маркетиншки потег отколку вистинска заштита.
Нов режим за тинејџери
Една од претходните промени се однесуваше на тинејџерските профили. Сите корисници под 18 години автоматски беа префрлени во таканаречен „тинејџерски“ режим, кој е приватен и содржи дополнителни безбедносни опции, како што се исклучување на известувања помеѓу 22 и 7 часот, забрана за примање пораки од непознати лица и други мерки за заштита.
Сега „Инстаграм“ најавува уште построги правила за тинејџерите, кои многу деца и млади најверојатно нема да ги пречекаат со воодушевување. Во иднина сите малолетни корисници ќе можат да гледаат само содржини кои, според стандардите во филмската индустрија, се сметаат за соодветни за публика под 13 години. Тоа значи дека и понатаму ќе им биде ограничен пристапот до објави кои содржат голотија или сексуални алузии, но и објави кои се полни со навреди, насилни сцени или ризични предизвици.
Повеќе ограничувања и за профилите
Освен тоа, „Инстаграм“ ќе почне да ги блокира профилите кои често објавуваат содржини за возрасни, како и оние што во биографиите имаат несоодветни линкови - на пример, кон страници за возрасни како „Онлифенс“ или кон продавници за алкохол.
Тинејџерите што веќе ги следат овие профили повеќе нема да можат да ги гледаат нивните објави, да им испраќаат пораки или да ги гледаат нивните коментари.
Исто така, платформата ќе го ограничи прикажувањето резултати од пребарувања што се поврзани со алкохол, насилство или слични теми, а родителите ќе добијат нова опција со која ќе можат дополнително да го филтрираат потенцијално штетниот материјал.
Овие промени најпрво ќе бидат воведени во САД, Велика Британија, Канада и Австралија, а потоа постепено ќе се применуваат и во други земји на светот.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Freepik