X
 17.11.2020 Наша тема

Да ризикувам и да чекам или да платам приватно... Колку се сега ПЦР-тестовите за Ковид-19?

Доколку пациентите имаат симптоми за Ковид-19, неретко се закажува термин за една недела, дури има и случаи за две недели. Дел од приватните лаборатории ги намалија цените за тестирање, но и тие суми се високи за многу граѓани

ПЦР-тестовите за Ковид-19 сѐ се подостапни кога станува збор за приватното тестирање. Но, иако нивните цени се намалија, тие и понатаму се високи за граѓаните, кои не можат или се плашат да чекаат по недела-две за тестирање на државен трошок, во зависност од тоа колку им е снаодлив лекарот што закажува тест или колку среќа ќе имаат во моментот. И покрај тоа што здравствените власти ја проширија можноста за бесплатно тестирање, со порастот на бројот на заболени ситуацијата сѐ уште е заглавена, непродуктивна, дури и контрапродуктивна. Додека пациентот да се тестира, може да му се влоши состојбата...
Колку чини приватно тестирање по намалените цени?

Некои лаборатории и приватни здравствени установи ги намалија тестовите, други воведоа семејни пакети, пакети за патувања, пакети што содржат повеќе испитувања...

Колку се чека? Да ризикувам и одам на работа, да платам...

Доколку пациентите имаат симптоми за Ковид-19, неретко се закажува термин за една недела, дури има и случаи за две недели. Освен тоа, многу пациенти од села, па дури и од градови немаат каде да се тестираат. Имаат ограничени можности. Најблиска опција им е Скопје, а не секој е во можност да допатува. Секако, и не се сите во можност да платат приватен тест. Во многу случаи ситуацијата се сведува на тоа дека навремен тест и лекување можат да добијат само лицата што се подготвени да платат.



- Во петок почувствував симптоми на настинка. Благо покачена температура и болка во мускулите. Веднаш се изолирав. Во саботата и неделата почувствував подобрување. Се консултирав со матичната докторка, ѝ ја објаснив состојбата и побарав ако е можно да ми закаже тестирање. Иако ми беше подобро, имав сомнежи дека имам Ковид-19, имав грижа на совест да одам на работа или да правам што било. Сакав да бидам сигурен дека не сум заразен. Во меѓувреме немав никакви симптоми, но останав дома, изолиран. Тоа ми беше најлогично решение. По неколку дена ми стигна порака дека ми е закажано тестирање за Ковид-19, две недели по првите симптоми. Тотално неразумно ми беше да седам во самоизолација две недели и потоа да одам да се тестирам. Нормално, го откажав тестирањето, а во консултација со докторката останав во изолација и си закажав приватно тестирање - вели Никола Р. од Ново Лисиче.

Вработени под притисок

Матичната докторка Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, потврди од нејзино искуство дека се чека минимум по седум дена за бесплатно тестирање за Ковид-19, што создава немир, револт и паника и кај пациентите и кај матичните лекари.

- Во внатрешноста, а и воопшто во цела Македонија тестирање се закажува по седум дена. Многу газди им прават притисок на вработените дури и ако се малку болни да се тестираат, а никој не ги прашува дали се во можност, дали имаат пари. Ако газдата ги принудува на тестирање, според мене, треба тој да плати. Вака пациентите се под стрес од сѐ и сешто. Освен тоа, ни фали подостапно тестирање. Треба државата да си направи во секој град места за брзи тестови и да им го олесни тестирањето на граѓаните. И да ги праќаме на бесплатни тестови само тие што треба и вистински не можат, а вака и здрави личности постојано се тестираат и си го даваат последниот денар поради паника. Сите сме исцрпени од нерационалната паника. И имаме случаи на пациенти кои не можат да чекаат и одат на приватно во Скопје - вели Лили.

Во Институт за јавно здравје – поевтино

Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје им овозможија на граѓаните приватно тестирање. Но цената на тестовите во конкретен центар или институт е различна, па граѓаните треба да си прашуваат.


Фото: Фрипик

- Цената на ПЦР е 1.850 денари, додека за тест за патување 2.500 денари. Резултатите се добиваат до вечерта. А најчесто се закажува за наредниот ден - изјавија надлежните од Институтот за јавно здравје.

И во Центарот за јавно здравје - Скопје може да се направи тест за Ковид-19 приватно, за потреби за патување во странство или друга намена.

Цени низ приватни лаборатории

Во Скопје на пациентите им се обезбедени повеќе опции, лаборатории, приватни клиники, но ситуацијата е многу поразлична во другите градови.
Приватните лаборатории брзо и навремено им испорачуваат услуги на сите клиенти, но тоа чини.

Во „Биотеклаб“ цената за ПЦР-тест чини 2.600 денари, а во „Синлаб“ е 3.150 денари. Во „Авицена“ се нуди молекуларен ПЦР-тест за 2.600 денари, ретестирање кај пациенти кои претходно имаат направено каков било тест за Ковид-19 (ПЦР, брз тест или серолошки) за 2.400 ден., молекуларниот тест кој истовремено го детектира новиот SARS-CoV-2 вирус и вирусот на грип е по цена од 3.000 денари.
И приватните болници тестираат за Ковид-19. Во „Ремедика“ цената на тестот изнесува 3.500 денари и до вечерта се добиваат резултатите.
Во „Систина“ новата цена на ПЦР-тестот за детекција на вирусот SARS-CoV-2 изнесува 2.700 денари, а болницата нуди и фамилијарен пакет – тестирање на над 3 члена од семејство по цена од 2.500 денари за лице и пакет групно тестирање за компании. А во „Жан Митрев“ тестирањето чини 2.900 денари, а комбиниран тест за со грип е 3.000 денари (инфлуенца А и инфлуенца Б).
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема