X
 17.11.2025 Наука

Првите снимки од „Сентинел-4“ откриваат точки со силно загадување на воздухот низ светот

Моќниот нов сателит „Сентинел-4“ штотуку ги испрати првите снимки од загадувањето на воздухот над Европа и Северна Африка. Иако сателитот сè уште не е целосно оперативен, овие рани слики веќе им даваат на научниците појасна слика за тоа што всушност дишеме секој ден.

Оваа нова мисија е дел од поширок напор да се следи квалитетот на воздухот не еднаш дневно, туку секој час. Ова е огромен напредок во споредба со досегашните методи.

Како „Сентинел-4“ го следи загадувањето?

Повеќето сателити се движат од пол до пол, скенирајќи различни делови од Земјата додека таа се врти под нив. „Сентинел-4“ работи поинаку. Тој останува на истото место, над Европа и Северна Африка, на околу 35.000 километри височина, во геостационарната орбита.

Оваа фиксна позиција му овозможува постојано да набљудува и да испраќа податоци секој час, што е навистина важно. Следењето на тие промени во реално време им помага на научниците да разберат како се шири загадувањето и кога достигнува врвови, нешто клучно за луѓе со астма, срцеви заболувања или други здравствени проблеми.

Сателитот ги собира податоците така што ја мери сончевата светлина која се одбива од Земјата и атмосферата. Во таа светлина се „скриени“ траги од различни гасови.

„Сентинел-4“ ја разложува светлината и ги издвојува тие сигнали, покажувајќи што се наоѓа во воздухот и во колкави количества.

1
Фото: ESA

Бидејќи користи ултравиолетова, видлива и блиска инфрацрвена светлина, може да открие широк спектар штетни материи, дури и оние што не можеме да ги видиме или почувствуваме.

Следење на загадувањето од вселената

Иако „Сентинел-4“ беше лансиран во јули 2025 година, веќе покажува силни резултати. Спектрометарот е поставен на метеоролошки сателит што ѝ овозможува на Европа да добие повеќе вредност од една мисија.

Бен Вајхелман, научник од Европската вселенска станица, истакна дека „Сентинел-4“ е првата европска мисија што ќе доставува часовни мерења на квалитетот на воздухот.

- Забележувајќи ги брзите промени во загадувањето, „Сентинел-4“ е вистинска пресвртница за следење и предвидување на квалитетот на воздухот во Европа - вели тој.

Првичните податоци покажуваат успех

Сателитот сè уште е во фаза на тестирање, но дури и првите податоци ги воодушевија научниците.

- Пресреќни сме што ги гледаме овие први резултати и упатувам голема благодарност до сите што работеа на оваа мисија. Најважно е што тие потврдуваат дека сателитот е во добра состојба и дека калибрацијата и процесирањето на податоците се одвиваат според планот - изјави Дидиер Мартин, проект-менаџер на „Сентинел-4“.

Според него, ова значи дека мисијата е на вистински пат да стане првата европска платформа што ќе обезбедува часовни мерења на загадувањето во воздухот.

2
Фото: ESA

Што открија првите снимки?

На 8 октомври „Сентинел-4“ ги сними своите први реални податоци. Една слика покажа нивоа на азот диоксид, гас што најмногу го испуштаат автомобилите, електраните и системите за греење што користат фосилни горива.

Биле забележани високи концентрации по должината на Медитеранот и над долината По во Северна Италија, иако недостигаа податоци.

Една од првите снимки улови облак од сулфур диоксид што се издигнуваше од вулканот Етна на Сицилија. Ерупцијата не беше голема, но гасот се протегаше југоисточно над морето, што е јасен знак дека дури и „тивок“ вулкан може да остави трага врз атмосферата.

Следење на озонот

„Сентинел-4“ измери и нивоа на озон. Во стратосферата озонот нè штити од штетното УВ-зрачење. Но блиску до земјата тој станува загадувач што може да предизвика проблеми со дишењето и да ја влоши астмата.

Сликата покажа повеќе озон над Балканот и Грција, а помалку над Балтикот, а овие податоци се совпаднаа со мерењата од други сателити истиот ден.

Вистинската мисија допрва почнува

Кога „Сентинел-4“ целосно ќе стане оперативен, ќе дава податоци на час. Овие мерења, вклучувајќи азот диоксид, озон, аеросоли и други штетни супстанции, ќе им помогнат на експертите да ги следат промените во квалитетот на воздухот.

Податоците директно ќе влегуваат во Copernicus Atmosphere Monitoring Service, кој е задолжен за следење на загадувањето во Европа и предвидување на влошувања.


Извор: Earth.com
Фото: ESA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука