X
 17.02.2025 Наука

Древните египетски мумии сѐ уште мирисаат убаво, велат научниците

Дури и по 5.000 години поминати во саркофаг, телата на мумифицираните древни Египќани сè уште имаат изненадувачки пријатен мирис, покажаа најновите научни истражувања.

Експерти кои анализирале девет мумии откриле дека иако интензитетот на мирисот варира, може да се опише како „дрвенест“, „зачинет“ и „благо сладок“.

Научниците планираат хемиски да ја реконструираат оваа мирисна комбинација, овозможувајќи им на посетителите на Египетскиот музеј во Каиро да го почувствуваат мирисот на мумиите, а истовремено и да откријат кога некое тело може да почне да се распаѓа.

- Сакаме да го споделиме искуството што го имавме додека ги мирисавме мумифицираните тела, па затоа го реконструираме мирисот да биде претставен во музејот - изјави д-р Сесилија Бембибре.

Во древен Египет, мумифицирањето не било само процес на зачувување на телото. Tоа било и ритуал за подготовка на починатиот за премин во задгробниот живот. Затоа, фараоните и високите слоеви на општеството биле балсамирани со масла, восоци и миризлив балсам.

- Во филмовите и книгите се прикажува дека оние што ќе помирисаат мумифицирано тело ги снаоѓаат страшни нешта. Но, ние бевме изненадени од тоа колку пријатно мирисаат - вели д-р Бембибре.

Научниците од Универзитетскиот колеџ Лондон и Универзитетот во Љубљана пронашле начин да го анализираат мирисот без да ја оштетат мумијата – со помош на тенка цевка која извлекува воздух од внатрешноста на саркофагот.

Мирисот како нов начин на доживување на историјата

Посетителите на музеите кои ќе ги почувствуваат овие мириси ќе имаат можност да го доживеат древниот Египет од сосема нова перспектива.

Али Лоукс, експертка за литература од Универзитетот во Кембриџ, смета дека ова е навистина иновативен начин за комуникација со историјата.

- Мирисот предизвикува силни емоционални и физички реакции. Знаеме дека во древниот Египет мирисите биле клучни во социјалните, религиските и личните практики - вели таа.

Д-р Матија Стрлич, друг член на истражувачкиот тим, објаснува дека мирисите можат да откријат и на кој општествен слој му припаѓала една мумија. Освен што овозможува поинаков пристап кон историјата, ова откритие може да биде значајно и за зачувување на мумиите.

Со користење техника наречена гасна хроматографија, научниците успеале да ги раздвојат различните компоненти на мирисот и да идентификуваат соединенија што укажуваат на распаѓање на животинските масти користени во балсамирањето. Ова ќе им овозможи на експертите подобро да се грижат за мумиите и да најдат начини за нивно подолго зачувување.

- Ова откритие е од голема корист за конзерваторите кои се грижат за овие артефакти, бидејќи ни помага да се осигуриме дека ќе бидат зачувани за идните генерации - заклучува д-р Бембибре.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука