Во ново клиничко истражување 10 од 12 пациенти (83 отсто) со тешка форма на дијабетес биле „излечени“, ослободувајќи се од дневните инсулински терапии една година по примањето на напредна терапија со матични клетки.
Во истражувањето, лабораториски „изградени“ панкреасни клетки биле вбризгани во вена на црниот дроб. За само три месеци, нивната функција се подобрила, гликозата во крвта била контролирана, а во периодот од една година 10 пациенти престанале да примаат инсулин. Дополнително, сите епизоди на опасно ниско ниво на шеќер исчезнале по трансплантацијата.
Како функционира терапијата?
Се вбризгуваат матични клетки во вена на црниот дроб. Таму го регулираат шеќерот поефективно отколку инсулинот. Предноста на оваа локација е што инсулинот кој стигнува директно до црниот дроб дејствува многу поефикасно отколку, на пример, кога се внесува под кожата.
Тоа е така затоа што главната функција на инсулинот е да го сопре прекумерното создавање гликоза во црниот дроб за да се регулира нивото на шеќер во крвта.
Во истражувањето, функцијата на трансплантираните клетки (третман наречен XV‑880) се подобрила во првите три месеци. Нивото на шеќер во крвта било подобро контролирано. Не биле забележани тешки хипогликемии, а се подобрил и маркерот за производство на инсулин.
Во текот на првата година учесниците постепено ја намалувале дозата на инсулин што ја примале, сè додека поголемиот дел не се ослободиле целосно од инсулинските инјекции.
Кои се несаканите ефекти?
Најголемиот недостаток на оваа нова терапија е тоа што сите учесници ќе мора да земаат имуносупресивни лекови до крајот на животот. Овие лекови го намалуваат капацитетот на имунолошкиот систем да ги препознае и отстрани трансплантираните клетки.
Тоа пак го зголемува ризикот од инфекции и одредени видови рак бидејќи имунолошкиот систем игра клучна улога во елиминација на потенцијално канцерозни клетки.
Во истражувањето, двајца учесници починале, но по детална анализа било утврдено дека смртта не била поврзана со терапијата. Повеќето учесници пријавиле дигестивни проблеми, а дијарејата била најчестиот несакан ефект.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik