X
 06.03.2018 Живот

Зошто е толку опасно тоа што децата недоволно си играат?


Дете со топка под рака во природа
(Фото: Pixabay)


Играта често изгледа како губење драгоцено време за учење, но дали е така?

Под играње, исто така, не се мисли на свирење на виолина, занимавање со спорт, дури ни на заеднички излети каде што возрасните им ги организираат активностите на децата. Игра е кога децата се пуштени сами или со другарчиња да си играат како сакаат и колку сакаат. Дури и ако родителите ја дозволат вака слободната игра, кај нив се јавува чувство на вина кога ќе го признаат тоа.

Во текот на педесеттите години бројот на часови на игра кај американските деца драматично се намалил. Независно од телевизијата и технологијата, кај родителите постои страв децата да не се повредат играјќи си, па заедно со желбата за нивен развој тие им одземаат огромен дел од времето што некогаш децата го имале за играње.

Дали родителите премногу им ги уредуваат животите на своите деца?

Во желба да ги видат своите деца во најдобри изданија според општоприфатените норми, многу родители се директни соперници на слободната игра, која иако во секоја смисла на зборот изгледа забавно, според нив, нема вистинска дидактичка улога и конкретна цел (како што се, на пример, посетувањето курсеви по јазици, спортувањето и сл.).

Но, со ваквото постапување родителите го превидуваат фактот дека слободната игра ги прави децата помалку анксиозни. Ги учи на отпорност, што е докажано еден од најважните фактори за успех во возрасните години. Отпорноста, пак, е клучна за спречување на депресијата, а тоа е нешто што Данците им го всадуваат на своите деца со текот на годините. Еден од начините за постигнување на претходно кажаното е и инсистирањето на значајноста на играта.

Уште во дамнешната 1871 година данската двојка Нилс и Ерна Јуел Хенсен ја смислиле првата педагошка програма заснована на образовна теорија која во себе вклучува игра. Откриле дека слободната игра е клучна за детскиот развој. Долго време данските деца не можеле да тргнат во училиште пред седмата година затоа што не сакале да ги изложуваат на образованието сметајќи дека првенствено треба да бидат деца и да си играат. И денес во Данска не постои единствен фокус на образование или спорт, туку на детето во целост. Според нив, вистинската среќа не доаѓа само од доброто образование. Детето што ќе научи како да се справува со стресот, да склучува пријателства и да има реалистичен поглед на светот, ќе има многу поинаков збир од вештини од некој математички гениј.

Клучен концепт за данската филозофија за родителство е т.н. зона на наредниот развој, првпат воведен од развојниот психолог Лев Виготски, според кој начинот на стекнување со ново знаење е зависен од претходно наученото, како и од достапноста на инструкции. На пример, во Данска родителите интервенираат само кога тоа е единствена опција за излез од некоја ситуација. Тие им веруваат на своите деца додека се обидуваат и пробуваат нови нешта и им даваат простор да изградат самодоверба. Ако децата се почувствуваат премногу притиснати, би можеле да ја изгубат волјата за тоа што го прават, што може да доведе до страв и анксиозност. Наместо тоа, данските родители се обидуваат да им излезат во пресрет на своите деца таму каде што тие се чувствуваат сигурни да пробаат нова вештина, а потоа ги предизвикуваат и повикуваат да одат понатаму или да пробаат нешто ново.

Со тоа што на децата им се дава тој простор и им се почитува зоната на наредниот развој, им се овозможува да развиваат и компетенции и самодоверба, бидејќи чувствуваат дека самите ги контролираат предизвиците и развојот.

Во данското општество играта е клучна за разбирање на детството, така што тамошните училишта имаат програми кои промовираат учење преку спорт, игри и вежби за сите ученици. Програмите, инаку предводени од учениците, ги охрабруваат и помладите и постарите ученици да играат различни улоги, како мајки, пожарникари или домашни миленици, и да ги охрабруваат срамежливите деца да се вклучат во играта.

Далечната Данска веќе четириесет години доминира на списокот со земји во кои живеат најсреќните луѓе, додека тајниот супстрат на нивната среќа сè уште не е откриен. Тајната на данската среќа е во тоа што родителите ги одгледуваат децата да бидат полни со самодоверба, да бидат дружељубиви, исполнети и секако – среќни.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот