X
 03.04.2018 Живот

Десет лица што ниедна земја не ги сака

Имањето државјанство е нешто што го земаме здраво за готово. Прашајте ги следниве десет лица како е да бидете без државјанство и ќе добиете не толку импресивни одговори. Луѓето без државјанство не можат да добијат пасоши или визи и обично се исклучени од добивањето социјални услуги, вклучително и образование, банкарски услуги или лекарска нега.

Како е можно да немате државјанство кога секој е роден и живее во некоја држава? Има многу причини за тоа. Во најредок случај, некои луѓе се откажуваат од своето државјанство. Други не добиваат државјанство од нивните држави или го губат откако нема да исполнат одредени барања. А има и специјална група луѓе што остануваат без државјанство бидејќи нивната земја веќе не постои.

10. Васили Бабина


Фото: Listverse

Васили Бабина (58) сфатил дека сѐ уште е државјанин на Советскиот Сојуз дури во февруари 2017 година, 26 години по распадот на земјата. Не било задолжително да се остане граѓанин на Советскиот Сојуз, но Бабина бил в затвор кога неговата татковина се распаднала и не требало ни да излезе оттаму зашто имал добиено смртна казна за кражба и убиство.

Неговиот престој в затвор завршил во рацете на Русија, која ја суспендирала казната откако се одделила од Советскиот Сојуз. Бабина добил нова казна: 26 години зад решетки и бил ослободен во февруари 2017 година. Тогаш сфатил дека нема државјанство затоа што Советскиот Сојуз веќе не постои.

Руски суд веднаш го прогласил Бабина за илегален имигрант и наредил негово притворање во центар за мигранти. Поради очигледни причини, Русија не сака тој да се шета наоколу. Наместо тоа, властите сакаат да го депортираат во Казахстан, каде што бил роден, иако неговата фамилија живее во Алтај, Русија.

9. Мајк Гогулски


Фото: Listverse

Во 2008 година Гогулски влегол во американската амбасада во Словачка и се откажал од американското државјанство. Потоа го запалил пасошот. Тој не е жител на друга земја. Всушност, се верува дека тој е единствениот жив човек што намерно останал без државјанство.

Гогулски вели дека се откажал од американското државјанство бидејќи не му се допаѓа начинот на кој работи американската влада. Освен тоа, тој вели дека никој не го ни прашал дали сака да биде жител на САД.

Немањето пасош значи дека Гогулски не може да ја напушти Европската Унија. Тој не може да добие друг пасош бидејќи нема земја. Словачките власти му издадоа документ за лица без државјанство и тоа му стана лична карта.

8. Мехран Карими Насери


Фото: Listverse

Насери порано бил Иранец. Иран му го одзел државјанството откако се побунил против шахот на Иран во 70-тите години. Иранците не запреле со тоа. Тие го протерале Насери од земјата, па тој морал да бара азил во неколку земји. На крај Белгија му го одобри барањето.

Според правилата на ЕУ, бегалскиот статус на Насери му дозволи да остане во која било земја-членка на ЕУ. Тој избрал да остане во Велика Британија, но британските власти не му дозволија да влезе и го депортираа во Франција откако тој ја загубил актовката во која му биле документите за лична идентификација.

Неговото депортирање ги стави француските власти во незгодна ситуација. Тие не можеа да му дозволат да остане во земјата затоа што Насери немал документи, а не можеа ни да го депортираат бидејќи немаше каде да оди. Третата опција беше да го пратат в затвор, но тоа не беше можно зашто тој легално си влегол во земјата. Единствената опција беше да го остават на аеродромот, па Французите го сторија тоа. Насери остана таму од 1988 до 2006 година.

Имаше обиди да му се помогне на Насери да добие нови документи од Белгија, кои ќе му дозволеа да влезе во Франција. Сепак, белгиските закони бараа тој лично да ја посети земјата. Иронично, истиот белгиски закон не му дозволуваше на кој било бегалец што доброволно заминал да се врати назад.

Во 1995 година Белгија му дозволи на Насери да се врати под услов да биде надгледуван од социјален работник за време на неговиот престој. Тој одби. Ја сакаше Британија и ништо друго. Остана на аеродромскиот терминал додека лошата здравствена состојба не го однесе во француска болница во 2006 година. Во 2008 година му беше дозволено легално да живее во Париз.  

7. Соња Камилиз


Фото: Listverse

Во 2008 година Соња одеднаш остана без државјанство откако Доминиканската Република, каде што мислеше дека има државјанство, ѝ го одби државјанството затоа што таа не можеше да приложи документи за да докаже дека нејзиниот татко, имигрант од Хаитите, бил легален жител на Доминиканската Република во периодот кога таа била родена. Хаитите исто така ѝ го одбија државјанството затоа што наводно веќе беше жител на Доминиканската Република. Законот на Хаитите забранува двојно државјанство.

Камилиз цел живот живее во Доминиканската Република. Таа никогаш не била на Хаити. Нејзината мајка исто така била родена во Доминиканската Република. Но, тоа не беше важно. Властите од Доминиканската Република немаа докази дека нејзиниот татко бил легален мигрант, што значи дека Камилиз не може да биде жител на таа земја.

Камилиз се најде во непријатна ситуација бидејќи не можеше да оди на факултет или да се омажи во Доминиканската Република без државјанство. Што е уште полошо, не може да ја напушти земјата без пасош, а не може да добие пасош бидејќи не се смета за државјанин на земјата.

6. Елијана Рабашкин


Фото: Listverse

Родена во Колумбија, Елијана претходно била Луис Рабашкин додека не сфатил дека е интерсексуалец, односно дека има и машки и женски хромозоми. Тој бил на третман за да ги потисне машките хормони и да ги активира женските. Му пораснале гради и ефективно станал жена. Тоа станало проблем откако раководителите на Универзитетот во Тајпеј, Тајван, каде што таа учела, побарале да си го обнови пасошот.

Елијана решила да го направи тоа во колумбискиот конзулат во Хонг Конг бидејќи Колумбија нема конзулат во Тајван. Властите на аеродромот во Хонк Конг првично не ѝ дозволиле влез затоа што таа требало да биде тој, како што пишувало во пасошот. На крајот ја пуштиле без пасошот. Таа беше заглавена во Хонг Конг неколку месеци и спиеше на улица.

Обединетите нации конечно ѝ дадоа статус на бегалец поради пол, но поради тоа, таа го загуби колумбиското државјанство. Повеќето земји исто така не ѝ дадоа азил, но во 2014 година Нов Зеланд се согласи да го стори тоа. Сепак, Рабашкин остана без државјанство и тоа ќе ѝ биде дадено откако пет години ќе живее во земјата.

5. Мухамад Идрис


Фото: Listverse

Мухамад е жртва на затегнатите односи меѓу Индија и Пакистан. Тој мина 10 години во индиски затвор поради тоа што останал само три дена подолго отколку што му дозволувала визата. Мухамад е роден во Индија, но по стапувањето во брак мигрирал во Пакистан. Станал жител на Пакистан и останал таму до 1999 година, а потоа се вратил кај болниот татко во Индија.

Набрзо татко му починал, па Мухамад морал да остане три дена подолго од дозволеното. Тој бил кај властите за да му го продолжат престојот, но тие го притвориле поради сомневања дека е пакистански шпион. Мухамад поминал 10 години в затвор додека судот не решил да го ослободи. Исто така, го казниле 9,17 долари затоа што останал подолго.

Идрис се обидел да се врати во Пакистан, но бил одбиен затоа што веќе не се сметал за жител на таа земја. Пакистанските власти тврдеа дека тој се разделил со сопругата. Пакистанскиот пасош што го употребил за да оди во Индија исто така станал бескорисен бидејќи му истекол во 2003 година. Така, тој останал во Индија, без земја која би можел да ја нарече своја.

4. Еун-џу


Фото: Listverse

Еун би требало да биде Севернокорејка или жителка на Кина, но не е призната од двете земји. Нејзината мајка и нејзината баба биле Севернокорејки додека не пребегале во Кина, каде мајка ѝ се омажила за Кинез. Мајка ѝ на Еун исчезнала додека се обидувала да мигрира од Кина во Јужна Кореја во 2006 година, додека татко и починал во несреќа во 2007 година.

Еун останала со баба ѝ во Кина до 2012 година. Баба ѝ мигрирала во Јужна Кореја преку Лаос и Тајланд откако дознала дека една од нејзините ќерки има рак. Баба ѝ добила азил, но Еун, која ѝ се придружила во 2014 година, не добила. Бабата се обидела да издејствува државјанство и за Еун, но нејзините барања биле одбиени. Јужнокорејските закони не дозволуваат издавање државјанство на некој што нема живи родители, дури и ако бабата или дедото се единствените живи роднини.

Без државјанство, Еун не може да оди на училиште, не може да отвори сметка во банка или да оди во болница. Иако таа оди во алтернативни училишта, нема да ѝ биде дозволено да оди на квалификациски испит.

3. Сзе Чунг Чеунг


Фото: Listverse

Чеунг има мајка од Белгија и татко од Хонг Конг. Но, не е жител на ниедна од овие две земји. Тој е роден во Хонг Конг и имал белгиско државјанство, кое го загубил. Очигледно белгиските закони бараат граѓаните родени надвор од Белгија или да живеат во земјата додека се на возраст од 18 до 28 години или да ја кажат нивната желба да останат жители на Белгија пред 28 години. Тој не ги исполнил барањата.

Чеунг не е првиот Белгиец роден надвор од Белгија што го загубил државјанството. Двајца близнаци родени во Хонг Конг ги загубија државјанствата во слични околности во 2006 година. За разлика од Чеунг, нивниот татко беше Белгиец-Австралиец, додека нивната мајка беше од Кина.

Белгија, Австралија и Хонг Конг не им дале државјанство на близнаците. Австралија дури и истакна дека тие се Кинези бидејќи се родени во Хонг Конг. Австралија подоцна го смени мислењето и истакна дека тие се Британци затоа што Хонг Конг бил под британска власт кога биле родени. Близнаците го добија белгиското државјанство по интервенција на суд во 2013 година.

2. Фредерик Нгубане


Фото: Listverse

Приказната на Нгубане е уште една интересна приказна за некој што без да знае останува без државјанство. Тој вели дека е Јужноафриканец, но Јужноафриканската Република не се согласува со тоа. Нгубане исто така вели дека неговите починати родители биле Јужноафриканци. Сепак, тој го загубил својот извод, кој би бил доказ за неговите тврдења.

Според Нгубане, имал само три години кога тој и неговата мајка заминале во Кенија откако татко му починал. Неговата мајка била убиена во 2002 година и тој следел еден од нејзините пријатели од Кенија во Уганда. Пријателот на мајка му починал во 2008 година, па Нгубане решил да се врати во Јужноафриканската Република во 2009 година.

Тој го посетил конзулатот на Јужноафриканската Република во Кенија и побарал виза. Конзулатот го одбил неговото барање и му кажал да оди во Министерството за внатрешни работи во Јужноафриканската Република. Отишол таму, а во земјата влегол така што го покажал изводот од матичната книга на родените. Но, останал и без тој документ кога му го зеле таксито.

Властите не сакале да му дадат виза затоа што немал доказ дека е Јужноафриканец. Тие не сакале да му помогнат да добие копија од изводот, а не му дале ни дозвола за престој. Конзулатите на Кенија, Уганда и на Танзанија негирале дека тој некогаш бил на училиште во нивните земји.

1. Маха Мамо


Фото: Listverse

Маха Мамо е родена во Либан, а нејзините родители се од Сирија. Сепак, таа и нејзините браќа и сестри немаат државјанство. Тие не се сметаат за Либанци бидејќи нивниот татко не е Либанец, како што се бара со либанскиот закон. Исто така, не се ни Сиријци бидејќи сириската влада не го признава бракот меѓу нивниот татко христијанин и мајка им, која е муслиманка.

Недостигот од државјанство им донел сериозни проблеми. Мамо и нејзините браќа и сестри не можеле да работат или да патуваат. Тие не можеле да си купат ни СИМ-картички. Но, среќата им се насмевнала во 2014 година кога бразилската амбасада во Либан им дала хуманитарни визи и документи за патување.

Но, Мамо не познавала никого во Бразил, па еден пријател ја запознал со фамилија од Бразил која се согласила да ја згрижи сосе нејзините браќа и сестри. Мамо е само една од повеќе од 8.000 Сиријци што добиле хуманитарни визи од 2013 година досега.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот