18.02.2026
Живот
Јаневска: Предлог-законот предвидува укинување на вонредното студирање на наставничките факултети
На дел од регулираните професии законот не дозволува вонредно студирање и тоа е во правец на јавниот интерес на државата. Не се дозволува вонредно студирање на Медицинскиот факултет, што и досега е така, но отсега и на наставничките факултети. Тоа е од јавен интерес, тие студии да се модернизираат, да се зајакнат, за да може во иднина да добиеме подобар производ, не последен на ПИСА, туку ученици кои ќе се придвижат нагоре на скалилата на рангирање на знаењето на учениците.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на утринската програма на ТВ Алфа.
- Многу нешта променивме од стариот закон. Секогаш почнувам од грижата за студентите. Додадовме неколку значајни елементи кои ним им се многу важни. Дадовме предност во вработување на оние студенти кои ќе се вратат од студиите на првите 100 светски универзитети, на студентите кои се добитници на „Инженерски прстен“ и на најдобрите 10 студенти на универзитетите. Го продолживме нивниот мандат од една на две години во сите тела на факултетите и универзитетите. Дозволивме нивно вработување на проекти и одредивме колку е минимумот што ќе го добиваат како демонстратори. Сметам дека ова е многу значајно и реакциите се многу позитивни - рече Јаневска, напоменувајќи дека со предлог-законот за високото образование, чија јавна расправа започнува денес на Универзитетот „Мајка Тереза“, се предвидуваат и измени кои се однесуваат на организацијата на универзитетите, критериумите за избор во звања.
- Во овој момент се дискутираат критериумите за избор во наставно-научните звања и имаме промени каде што бараме повеќе научна работа со објавување научни трудови во бази на научни трудови, како што се Web of science и Scopus. Дополнително на тоа, бараме и цитираност на овие нивни дела на научноистражувачкиот потенцијал на универзитетите. Законот јасно бара интернационализација на факултетите, поврзување со други, тие може да одлучат со кои, но препорачливо е тоа да е во европскиот простор, да формираат или да организираат заедничка настава во правец на двојни дипломи и многу други промени, структурни промени, кои сметаме дека ќе придонесат за раст на квалитетот во високото образование - напомена министерката.
Министерството не смее и не може да се меша во студиските програми, тука доаѓа до израз студентската автономија, но законот бара и да се модернизираат студиските програми.
- Го менуваме моделот, законот бара модуларност во студирањето, што значи ќе треба нови студиски програми, и со самото тоа што ги зајакнуваме критериумите за избор во звања, очекуваме наставно-научниот кадар малку повеќе да се занимава со наука и тоа знаење да им го пренесе и на студентите - рече министерката, истакнувајќи дека во минатото имало закон во кој повеќе се барало од наставниците и тогаш нашите универзитети станувале повидливи.