X
 18.03.2020 Здравје

Како агресивното тестирање му помогна на италијански град да го запре ширењето на коронавирусот

Експеримент за контрола на инфекцијата ги запре сите нови инфекции во град кој беше во центарот на епидемијата во Италија.

Преку тестирање и ретестирање на сите 3.300 жители на градот Во, во близина на Венеција, без оглед на тоа дали покажувале симптоми, но и со ригорозен карантин на луѓето со кои тие контактирале кога ќе се потврдела инфекција, здравствените власти успеале целосно да го запрат ширењето на болеста таму.

Андреа Крисанти, експерт по инфектологија од „Империјал колеџ“ во Лондон, која учествува во проектот во Во, им порачува на земјите што го ограничуваат тестирањето, а меѓу кои се и САД и Велика Британија, да ја научат лекцијата и да го зголемат бројот на тестирани лица.

- Во Велика Британија има многу инфекции што целосно се игнорираат. Тука успеавме да ја задржиме епидемијата затоа што ги идентификувавме и ги елиминиравме инфекциите што се појавија. Тоа направи разлика - објаснува Крисанти.

Успехот ја истакнува важноста на тестирањето и изолирањето на инаку здравите носители, приод кој беше пофален од Светската здравствена организација (СЗО). Оттаму неодамна им порачаа на сите земји да тестираат агресивно, забележувајќи дека Јужна Кореја и Тајван имале успех во ограничувањето на бројот на заразени преку тестирање.

Професорот Крисанти вели дека невообичаениот и на некој начин случајниот експеримент со тестирање во Во им овозможил на истражувачите да добијат целосна епидемиолошка слика на болеста.

Тестирањето започнало како измешана мерка за непредвидени ситуации по првиот смртен случај во Италија поврзан со вирусот, на 22 февруари. Не е јасно зошто Северна Италија се соочи со толку голем број случаи пред другите делови на Европа, иако професорот Крисанти и други посочија дека тоа можеби е поради блиските трговски врски со Кина.

Во првиот круг на тестирање, спроведен врз целокупното население во градот кон крајот на февруари, било утврдено дека три проценти од населението се заразени, иако половина од преносителите немале никакви симптоми. По изолирањето на сите заразени, вториот круг од тестирање, по околу 10 дена, покажал дека стапката на инфекција опаднала на 0,3 отсто.

Важно е да се напомене дека во овој втор круг биле идентификувани најмалку шест лица што биле заразени со вирусот, но немале никакви симптоми, што значи дека можело да се стават во карантин.

- Ако не се идентификуваа, инфекцијата ќе продолжеше - објаснува Крисанти.

Наместо екстензивно тестирање, некои земји, вклучително и Велика Британија и Холандија, спроведуваа стратегија за колективен имунитет, која вклучуваше овозможување на повеќе луѓе да го фатат вирусот и да развијат имунитет кон него, како начин за градење отпор во заедницата - иако овие политики се менуваат со интензивирањето на кризата. Лекар од СЗО изјави дека таа стратегија можеби не е вистинскиот начин за задржување на вирусот и дека бидејќи толку малку се знаело за коронавирусот, не е вистинското време да се препорача таков пристап.

Во Венето властите планираат да го прошират агресивниот режим на тестирање во целиот регион и сакаат да земаaт најмалку 11.000 брисеви на ден.

- Ако некој се јави и рече дека е болен, тогаш сите во семејството, сите нивни пријатели и целата зграда се тестираат - рече Крисанти.

Властите сметаат дека брисевите може да спасат животи.

Извор: Financial Times
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје