X
 18.03.2021 Живот

22-годишник бесплатно престојува во уникатни домови и заработува од тоа

Повеќето луѓе сонуваат за луксузни домови, но Итан Абиц ги бара најмалите и најуникатни домови за да престојува во нив.

Овој 22-годишен инфлуенсер почнал да престојува во мали куќи, куќарки на дрво и други уникатни домови што се издаваат на „Ер-би-ен-би“ за да објавува фотографии од нив на „Инстаграм“. Минатата година Абиц го претворил ова хоби во кариера и денес патува низ САД и Канада и фотографира мали домови.



Абиц почнал да престојува во мали куќи додека патувал во 2018 година и вели дека овие домови му се допаѓаат бидејќи му покажуваат колку различни начини на живот постојат. Неговите фотографии на „Инстаграм“ брзо станале популарни, а тоа го поттикнало Абиц да наоѓа повеќе уникатни домови во кои може да престојува.

Поради популарноста на неговите фотографии, тој почнал да им нуди договори на сопствениците на домовите според кои ќе може да престојува во куќите бесплатно, а треба да објавува фотографии од престојот на „Инстаграм“.



На почетокот од минатото лето скокнала побарувачката за вакви домови поради пандемијата бидејќи повеќе луѓе започнале да патуваат во изолирани места, па сопствениците на домовите можеле да вложат во фотографии, а Абиц го искористил тоа. До средината на јуни тој имал резервации за престои до крајот на октомври.

Абиц најчесто бесплатно престојува една или две ноќи во домовите и прави што повеќе фотографии кои ги објавува на „Инстаграм“. Тој заработува од 500 долари до 1.000 долари за еден престој. Досега престојувал во околу 85 куќарки во САД и во Канада, а планира да го заокружи бројот на 100 до летово.



Кога не престојува во овие домови, Абиц живее во својот автомобил бидејќи патува многу, но и за да ја подигне свеста за одржливо живеење.

Автор: Френк Олито
Извор: insider.com
Фото: Принтскрин/Instagram
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот