Младите актери Доминик Меклафлин, Арабела Стентон и Аластер Стаут ќе ги играат главните ликови во серијата за Хари Потер на Ејч-би-о.
-По извонредно пребарување предводено од директорите за кастинг Луси Беван и Емили Брокман, со задоволство објавуваме дека ги пронајдовме нашите Хари, Хермиона и Рон. Талентот на овие тројца уникатни актери е навистина неверојатен и едвај чекаме светот да биде сведок на нивната магија на екранот. Би сакале да им се заблагодариме на десетиците илјади деца што се пријавија на аудиција. Беше вистинско задоволство да се открие толку голем број на млади таленти - изјавија Франческа Гардинер, извршен продуцент, и Марк Мајлод, режисер на неколку епизоди и продуцент.
Ова е веста што обожавателите на волшебничката заедница ја чекаа бидејќи неодамна беше објавен остатокот од екипата. Значи, Џон Литгоу, шесткратен добитник на „Еми“, двапати добитник на „Тони“, ќе го игра Албус Дамблдор, додека добитничката на наградата „Еми“, Џенет Мектир, ќе ја игра Минерва Мекгонагал. Ќе им се придружи Папа Есиеду како Северус Снејп, додека Ник Фрост ќе биде Рубеус Хагрид.
Долгоочекуваната серија ќе биде верна адаптација на омилените книги за Хари Потер, на авторката и извршен продуцент Џ.К. Роулинг, заедно со другите продуценти Нил Блер и Рут Кенли-Летс.
Инаку, Џ.К. Роулинг изјави дека луѓето што ја поддржуваат промената на полот кај децата треба да им се извинат на „трауматизираните лица кои поминале низ детранзиција и ранливите жени кои зависат од простори резервирани за еден пол“. Поради ова, таа ја изгуби поддршката од транс-заедницата, а ѕвездите Даниел Редклиф и Ема Вотсон ѝ го свртија грбот. Сепак, стриминг-платформата не ѝ го сврти грбот на британската писателка, но шефот на Ејч-би-о, Кејси Блојс, рече дека Роулинг била вклучена во процесот на избор на сценарист и режисер и дека нејзините изјави против трансродовите лица не влијаеле врз изборот или ангажирањето на сценаристи или продукциски персонал за серијата.
-Џ.К. Роулинг има право да ги изрази своите лични ставови. Ќе останеме фокусирани на развој на нова серија, која само ќе профитира од нејзиното вклучување - соопштиле од Ејч-би-о.
Извор: gloria.hr
Фото: Instagram