X
 18.05.2018 Образование

Професор Вјекослав Танасковиќ, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна: Практичната настава и меѓународната соработка ни се предуслов за формирање квалитетен кадар

Со проф. д-р Танасковиќ разговаравме за предизвиците на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, за тоа како се станува научно-образовна институција од највисок ранг и како се создаваат кадри со кои Македонија бележи успеси рамни на оние во најсовремените светски држави

Од денешна перспектива, ни малку не заостануваме во споредба со најразвиените земји, што е резултат на континуираната грижа за креирање квалитетни кадри, и до денес на Факултетот своето образование го стекнале повеќе од 7.900 дипломирани агрономи, 117 специјалисти, повеќе од 500 магистри и над 260 доктори на науки, вели деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ во интервју за Факултети.мк.

Факултетот за земјоделски науки и храна соработува со голем број компании што работат во областа на земјоделството, каде што студентите можат да ја имаат редовната студентска пракса. Како тече оваа соработка?

- Компаниите со кои соработуваме даваат можност за практична обука на студентите бидејќи претставуваат место каде што тие во работни услови може да имаат истражувачка работа и уште во текот на студирањето да направат спој меѓу теоријата и праксата. Практичната настава е задолжителна обврска и основен предуслов за формирање квалитетен кадар, поради што Факултетот има склучено соработка со повеќе од 250 познати и признати компании и институции од Македонија. Особено водиме грижа за континуирано присуство и активности на студентите во лабораториите и на опитните површини со кои располага Факултетот.

Опременоста по најсовремени стандарди е од исклучителна важност за исполнување на критериумите за врвно образование. Колку Вашиот факултет може да им одговори на тие строги барања?


 - Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје се разви во високообразовна и научноистражувачка институција достојна да ги задоволи строгите критериуми и потреби за квалитетно образование на студенти во областа на земјоделството и храната. Факултетот располага со зграда од околу 10.000 квадратни метри, во која се сместени 5 амфитеатри опремени со аудио и визуелна опрема и над 30 предавални опремени за помали групи на студенти. За потребите на студентите и предавањата на одредени предметни програми на Факултетот постојат три компјутерски училници опремени со компјутерска опрема и со интернет-пристап, како и со соодветни програмски пакети за потребите на студентите. Факултетот располага и со современа и модерна библиотека која е целосно реновирана во 2010 година, а за полесно управување со книжниот фонд од над 70.000 учебници, монографии, списанија и други материјали, е воведен софтверот BIS. Сите овие материјали им се достапни на студентите, со цел навремено и успешно совладување на наставните програми и активности на Факултетот.

Важен дел од високото образование се и научноистражувачките активности и лабораториската работа. Како тој дел од образовниот процес е организиран кај Вас?

- Во рамките на факултетот постојат над 50 лаборатории, од кои некои се студентско показни, други служат само за научноистражувачки активности, од кои еден дел се со акредитирани методи согласно стандардите за квалитет ISO 17025, додека некои се овластени за вршење дејности утврдени со Закон. Факултетот располага и со експериментални површини, кои освен за научноистражувачки активности, ставени им се на располагање на студентите во процесот на образованието, но и на стопанството и другите што се заинтересирани за користење на овие потенцијали.



Факултетот за земјоделски науки и храна е најстарата високообразовна и научноистражувачка институција во областа на земјоделството и храната во Македонија. Како се справувала со предизвиците низ годините  и како го прави тоа денес за да ги задржи високите оцени дека е рамноправна со институциите од оваа област во најразвиените земји?

- Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е најголема и најстара високообразовна и научноистражувачка институција во областа на земјоделството и храната во Македонија. Основан е есента 1947 година, со Одлука на Владата на тогашна Народна Република Македонија. Ова е една од првите одлуки за формирање факултети по ослободувањето на Македонија, со што Факултетот се вбројува меѓу трите најстари високообразовни институции во државата и е основоположник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Факултетот уште пред седум децении поставил јасна задача во својата основна дејност, да формира високообразован кадар од областа на земјоделството и храната кој треба да биде двигател на развојот на стопанството, пред сѐ на земјоделско-прехранбениот сектор во Македонија. Од денешна перспектива, овој сектор не заостанува во споредба со најразвиените земји, што е резултат на континуираната грижа на Факултетот за креирање квалитетни кадри кои се конкурентни на пазарот на трудот во земјата и пошироко. До денес, на Факултетот своето образование го стекнале повеќе од 7.900 дипломирани агрономи, 117 специјалисти, повеќе од 500 магистри и над 260 доктори на науки. Развојот на областите во кои дејствувал Факултетот низ годините доведува до неколку структурни промени во организацијата на факултетот. Денес, за реализирање на високообразовната, научноистражувачката и апликативната дејност, Факултетот е организиран во шест институти: Институт за aгроекономика, Институт за aнимална биотехнологија, Институт за животна средина, Институт за заштита на растенијата и земјоделска механизација, Институт за растителна биотехнологија и Институт за храна.

Какви се резултатите во научноистражувачката работа и меѓународната соработка и какво е нивното интегрирање во наставниот процес?

- Факултетот секогаш водел посебна грижа на развојот на науката преку обезбедување национални и меѓународни проекти, но и преку сите други видови соработка со институциите од земјава и странство. За долгата и успешна соработка во оваа дејност на Факултетот зборуваат над 800 успешно реализирани меѓународни и домашни проекти, над 9.000 научни и стручни трудови во престижни меѓународни списанија и публикации, од кои значителен дел и во списанија со фактор на влијание. Во сите овие активности се вклучени и студентите, со што тие стекнуваат неопходни знаења и вештини потребни за успешна кариера. Меѓународната соработка е неразделив сегмент од дејноста на Факултетот и може да се каже дека Факултетот е докажан партнер во регионот и пошироко. Оваа соработка се реализира во различни области и преку различни форми и активности. За таа цел, потпишани се над 50 билатерални и мултилатерални договори за научна, техничка и друг вид соработка со сродни институции од светот. Само во последниве пет години на Факултетот престојувале десетина визитинг-професори од првите најдоброрангирани 500 универзитети на Центарот за светска класа, универзитети при шангајскиот Универзитет „Џио Тонг“. Наставниот кадар и студентите учествуваат на голем број конференции, конгреси и симпозиуми и усовршувања во странство. Слободно може да се каже дека голем дел од развојот што е постигнат на Факултетот, во врска со наставата, научноистражувачката работа и опременоста на Факултетот, се должи токму на интензивната меѓународна соработка.

Како е организиран наставниот процес и какви студиски програми нуди Факултетот?

- Низ својата историја Факултетот за земјоделски науки и храна успешно поминал низ многубројни предизвици и континуирано се развивал во сите подрачја на своето дејствување, односно наставата, научноистражувачката и апликативната дејност, а активна улога имал и сѐ уште има во структурните приспособувања на земјоделско-прехранбениот сектор во државата. Водечка филозофија било постојано да се води сметка за усогласување и модернизирање на наставните програми согласно потребите на пазарот на труд во државата и пошироко. Така, од само еден наставен план при формирањето на Факултетот, денес, наставно-образовна дејност се изведува на 10 студиски програми на прв циклус студии, 10 студиски програми на втор циклус (магистерски студии) и 6 студиски програми на трет циклус студии (докторски студии). На прв циклус студии студентите ги изучуваат студиските програми: Квалитет и безбедност на храна, Преработка на земјоделски производи, Анимална биотехнологија, Хортикултура, Агроекономика, Лозарство и винарство, Овоштарство, Заштита на растенијата-фитомедицина, Поледелство, Екоземјоделство.



Во првите три семестри наставата се одвива преку заедничко стебло од базични и општи предмети, додека од четвртиот до осмиот семестар студентите изучуваат предметни програми од потесната област на студиската програма. За потесно профилирање на студентите во областа на земјоделските науки и храната, Факултетот организира десет студиски програми на втор циклус (магистерски) студии со вкупно 34 потстудиски програми. Како резултат на интензивната меѓународна соработка на Факултетот, студиската програма по агробизнис на втор циклус се реализира заеднички со Земјоделскиот универзитет во Упсала, Шведска, додека студиската програма по фитомедицина се реализира како заедничка програма со 14 факултети од регионот и од Европа.
Факултетот организира и една интердисциплинарна програма по агротуризам заедно со Економскиот институт во Скопје. Третиот циклус (докторски) студии преставува заокружување на највисокиот степен на студии на Факултетот, а е организиран во шест студиски програми, со вкупно траење од шест семестри. Наставата на сите три циклуси на студии се реализира согласно Европскиот кредит трансфер систем, а Факултетот е меѓу првите институции во Република Македонија кој во 2002 година почна со болоњските реформи.
Денес, Факултетот за земјоделски науки и храна работи со целосно имплементиран кредит трансфер систем, со едносеместрални рационални предметни програми, со нови методи на учење преку семинарски работи, изработка на проекти, домашни и теренски активности, со континуирана проверка на знаењата. Во наставата на Факултетот се ангажирани 66 наставници и над 15 асистенти, виши лаборанти и лаборанти.

Како сето тоа е организирано за студентите и имаат ли тие можности за воннаставни активности, како што е практика на најразвиените високообразовни институции?

- Во изминативе години особено внимание посветуваме на воннаставните активности, како што се спортот, рекреацијата... Спортските екипи од нашиот факултет веќе подолг период се на самиот врв, како во рамките на нашиот универзитет и држава така и пошироко. На Факултетот постои и планинарско друштво во кое може да се вклучат сите студенти и активно да членуваат. Факултетот, меѓу другото, има и активна меѓународна соработка со различни организации преку кои студентите можат да остварат професионална пракса и студиски престој надвор од нашата држава. Со еден збор, се трудиме на нашите студенти да им овозможиме вклучување во сите активности со кои ќе го подобриме квалитетот на нивното студирање во секој поглед, а, секако, тоа позитивно ќе влијае врз нивната идна кариера и целокупниот квалитет на живеење во нашата држава.



Минатата година Факултетот прослави 70 години од своето постоење и, меѓу другото, беше одбележан и со Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна и 56. Агрономијада, што предизвика голем меѓународен интерес.

- По повод јубилејот се одржа третиот Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна, на кој Факултетот беше домаќин на над 400 реномирани експерти од 26 земји од светот, што е уште еден показател дека Факултетот е столбот на земјоделско-прехранбениот сектор и претставува позната и призната институција во регионот и пошироко. За 70-годишнината на Факултетот, покрај големиот број настани, во Охрид беше организирана и 56. Агрономијада.



На оваа студентско научноспортска манифестација учествуваа над 600 студенти од 12 факултети од областа на земјоделството, храната и биотехничките науки од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Македонија. На крајот од годината, поточно на 15 декември, се одржа и Свечена академија по повод 70 години од постоењето на Факултетот, на која присуствуваа гости и пријатели на Факултетот од дома и од странство.

Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование