Производството и преработката на храна, заштитата на растенијата и животните, одржливото користење на природните ресурси, менаџирањето со животната средина, создаваат комбинација од широк спектар на занимања што нашите студенти би можеле да ги извршуваат по дипломирањето
Производството на храна мора да биде стратешки интерес на секоја држава. Македонскиот земјоделски производител може да произведе исклучително квалитетна храна, што за сите нас е многу значајно во ова време на живеење, вели проф. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на Факултетот за земјоделски науки и храна – ФЗНХ. Таа објаснува дека оваа институција ги обезбедува условите за реализација на овие стратегии преку квалитет на образованието на земјоделските инженери – агрономи, кои ќе го овозможат тоа. Факултетот им дава можност на студентите да комбинираат разновидни знаења што обединуваат различни научни полиња.
Колку технологијата во земјоделско-прехранбениот сектор е напредната и колку е потребно да се вложува во едуцирање на високо образован кадар?
-Земјоделско-прехранбениот сектор претставува модерно и технолошки напредно производство кое бара високо образован, специјализиран и професионален кадар. За образование на ваков кадар посебно е важно практичното искуство, кога директно од терен се поврзуваат и применуваат искуствата претходно стекнати низ предавања и лабораториски вежби, во соработка со стопанството - производствените и преработувачки капацитети, прехранбената индустрија, фарми и земјоделски стопанства, итн. Само со таков кадар може да се очекува високопродуктивно земјоделско производство и покрај сите предизвици за обезбедување на квалитетна и безбедна храна, особено во услови на влијание на климатските промени, а притоа да се запази и заштити животната средина. Денес, истражувањата во целиот свет се фокусирани кон генерирање технологии за обезбедување на квалитетна и безбедна храна, примена на генетиката и селекцијата и генетско инженерство за висока продуктивност и квалитетни карактеристики во растителното и анималното производство, а при тоа да се има во вид и оптималното искористување на природните ресурси со фокус на здравјето на почвата, ефикасноста при употребата на ѓубрива, користење технологии за ублажување на климатските промени, рационално управување со водните ресурси, водење грижа за биодиверзитетот, заштитата во земјоделското производство, примената на далечински сензорен и географски информативен систем (ГИС) и др.
Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје, во континуитет обезбедува квалитетни услови и високи стандарди за образување кадар кој ќе ги применува светските текови и трендови во овој сектор. Со примена на највисоките академски стандарди, ние им овозможуваме на студентите да стекнат компетенции засновани врз современи научни знаења, во корист на општеството. Производството и преработката на квалитетна и безбедна храна, заштитата на растенијата и животните, одржливото користење на природните ресурси, како и менаџирањето со животната средина, создаваат комбинација од широк спектар на компетенции што нашите студенти би можеле да ги извршуваат по дипломирањето. Додипломските студии на Факултетот за земјоделски науки и храна се со времетраење од 4 години, низ 8 семестри на 9 акредитирани студиски програми.
Агроекономика, Анимална биотехнологија, Екоземјоделство, Заштита на растенијата-фитомедицина, Квалитет и безбедност на храна, Овоштарство, лозарство и винарство, Поледелство, Преработка на земјоделски производи, и Хортикултура. Сите тие се подеднакво значајни и во согласност со потребите на работодавците и пазарот на трудот. Дипломата стекната на ФЗНХ е меѓународно призната, што е причина повеќе зошто овие студии се атрактивни.
Оваа високо образовна институција продуцираше 73 генерации на дипломирани земјоделски инженери... дали сметате дека сте сèуште интересни за младите да го изберат ФЗНХ како своја професионална определба?
-Ќе одговорам со она што овој период е важно за нас, а тоа се претстојните уписи на новата генерација студенти. Очекуваме онолку студенти колку што дозволува општата состојба согласно бројот на матуранти оваа година. Но, ако интересот е поголем од очекуваното, тоа значи дека младите ја разбрале важноста на овој факултет, затоа што иднината на целата планета е во сериозна релација со развојот на земјоделството и производството на храна. За време на појавата на корона вирусот, многумина ја сфатија важноста на овој сектор и ги искористија достапните ресурси со цел производство и консумирање на домашна храна. Ова е нешто што секако треба да се поддржи и во иднина, секако во нормални услови на живеење. Не смееме да заборавиме дека нашето поднебје сèуште е препознатливо по вкусна и прилично квалитетна и безбедна храна, а за ова секако голема заслуга имаат и нашите дипломирани колеги кои постојано се вложуваат во секторот. Затоа, и понатаму за нашата држава е важно продуцирање на квалитетни агрономи, кои постојано ќе ги надополнуваат новите современи технологии во земјоделското производство и производството на храна. Оттука, очекуваме дека младите кои имаат интерес за овие науки, со изборот да студираат на нашиот факултет (
www.fznh.ukim.edu.mk), во иднина ќе помогнат во справувањето со новите предизвици, особено во обезбедување на доволно количество на квалитетна и безбедна храна за населението во нашата држава и пошироко. Во овој контекст, покрај образување на идни агрономи, нашата институција, постојано активно учествува во реализација на промотивни активности преку медиуми и социјални мрежи во текот на целата година, со цел да укажеме на значењето на производството на храна и земјоделството, а влијаеме дури и кај најмладите, како еден од начините за градење на здрав дух и љубов кон природата.
Што овозможува факултетот за своите студенти?
-ФЗНХ се наоѓа на една од најпосакуваните локации во Скопје, зграда во близина на центарот на градот, скриена во зеленилото на дендро паркот на нашиот Факултет, каде спремајќи ги вашите испити можете и да уживате во природата. Факултетот располага со 5 амфитеатри, 30 предавални и голем број на лаборатории за реализација на вежбите за студентите, современа лабораториска и техничка опрема за вршење научноистражувачка работа, пет акредитирани лаборатории за соработка со стопанството, опитни површини, библиотека... Со континуирано обезбедување услови за професионален развој на целиот наш кадар и студентите, се трудиме да бидеме во тек со модерните движења кои се случуваат во овој сектор во целиот свет. ФЗНХ во рамки на проектните активности секогаш наоѓа начин да ги вклучи и своите студенти, кои се неизбежен сегмент во реализацијата на научно-истражувачката работа, а исто така и овозможува нивна мобилност во други високообразовни и истражувачки институции со кои имаме долгогодишна соработка. Остваруваме успешна соработка и размена на студенти и наставен кадар со што придонесуваме за зајакнување на заедничката работа. Организираме редовна студентска пракса и теренски активности, симпозиуми, работилници, средби, обуки, студентски смотри, спортски активности за студентите и ред други активности преку кои се врши размена на идеи, зајакнување на постојните и создавање нови академски мрежи, како и поттикнување дијалог меѓу академската заедница, јавните институции и стопанството, со што сите заедно придонесуваме за зајакнување на овој сектор.
Што се однесува до моменталната состојба со наставнообразовниот процес, сметам дека предностите на учење од далечина се рефлектираат во големата заштеда на време, но ова има позитивен ефект само кога се однесува за теоретската настава. Сепак, сметам дека наставниот кадар на факултетот е спремен да се соочи со овој предизвик и понатаму и истиот да го унапреди, што се покажа и при реализацијата на наставата во изминатиот летен семестар. Секако дека работиме на надградба на веќе постоечките капацитети, како и на мотивација на нашите студенти да бидат проактивни во целиот наставно-образовен процес.
Знаење, мудрост, хуманост („Cognitio, Sapientia, Humanitas“)
Што би им препорачале на идните студенти?
-На почетокот од академската година, на сите наши идни студенти им посакувам добредојде и успех во нивното студирање. Сакам да истакнам дека наставниот и соработнички кадар на Факултетот отсекогаш водел грижа правилно да ги насочи студентите за да ја остварат својата главна цел, не само преку образовниот процес, туку и со учество во дополнителни наставни и друг вид на активности, а со тоа и да ја доближи вистинската вредност на високото образование и дипломата што се стекнува на нашата институција. Затоа, на сите студенти кои ќе бидат дел од ФЗНХ им посакувам што поскоро да изградат кариера која многу ветува, со своето знаење и пристап да дадат свој придонес во развојот на земјоделството, а Факултетот како нивна матична институција секогаш ќе биде тука за да ги поддржува.