X
 18.05.2021 Живот

Малверзации околу загадениот воздух открива првата епизода на „Редакција“

Со првата епизода под наслов „Заговор против воздухот“ почна серијалот на документарната емисија „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија - ИРЛ, која во наредниот период ќе се емитува на Македонската радио-телевизија. Во епизодата се разоткриваат малверзации околу загадениот воздух.

- Првата епизода која завчера беше премиерно емитувана на МРТВ се работеше една и пол година. Во истражувањето се вклучени десетици новинари од неколку држави кои открија како отпадно и опасно масло од земјите од Европската Унија завршува на пазари каде што нема строга регулација на увозот на нафтени деривати, како што е Република Северна Македонија. Целата сторија е поткрепена со документи, докази, интервјуа, сведоштва од лица кои директно или индиректно се вклучени во процесот на транзит, увоз, анализи на опасниот мазут кој завршувал во котлите на државни институции, но најголем дел согорувал во приватни индустриски капацитети - вели Маја Јовановска, новинар во ИРЛ.
Она што е клучно во истражувањето, додава таа, е дека системот на контрола на овој опасен мазут случајно или намерно потфрлил и институциите премолчено дозволувале приватни фирми да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните.

- Го одбравме јавниот сервис како партнер за овој проект бидејќи тој им припаѓа на граѓаните и тие се нашите единствени клиенти, а нашата единствена мисија е да работиме за јавниот интерес. Нашето мото е „Бори се со нас, бори се за себе“, упатено до секој граѓанин што бил жртва, сведок на неправди, корупција од страна на власта, политичките и бизнис-елити. Секоја недела ќе емитуваме по една епизода, а наредната ќе има интервју поврзано со темата, или, пак, со она што ние го работиме, а тоа е организиран криминал, корупција, војна со информации и владеење на правото - додава Јовановска.

Погледнете ја првата епизода.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот