X
 30.09.2019 Наша тема

Средношколци од „Јосип Броз“ измислија филтер за прочистување на воздух кој се става на оџак

Учениците велат дека со овој филтер воздухот во Скопје може да се исчисти за една третина. Но, потребен им е инвеститор

Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската Котлина, и тоа загревањето на домаќинствата во најголем дел, покажуваат повеќе научни истражувања. Бидејќи ова е најевтиниот начин на загревање на домовите, тешко дека семејствата во догледно време ќе прифатат друг начин.
Науката бара нови решенија. Бидејќи фабриките користат филтри, логично е да се размислува во таа насока и кога се во прашање оџаците на домовите. Токму оттука тргнале со размислувањата тројцата средношколци од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, Теофилија Стоилковска, Марко Дураков и Мартин Стеванов. Епилог е нивната иновација - филтер што се става на оџак и притоа не дозволува штетните честички да завршат во воздухот.


Теофилија, Марко и Мартин со филтерот

- Аерозагадувањето е доста актуелна тема, а ова е голем проблем за нас, па решивме да направиме еден изум кој ќе помогне да се намали. Бидејќи во Скопје и во поголем дел од градовите се смета дека најголем загадувач се домаќинствата, решивме да направиме филтер кој лесно ќе се постави на оџакот и нема да ги пропушта штетните честички во воздухот - вели Мартин.

Изработката ги чинела 100 евра, ја платиле сами

Теоретски, тројцата смислиле како може да се направи овој изум, но потешкиот дел бил самото правење на филтерот и нарачувањето на деловите.
- Филтрите што се користат во фабриките се многу ефикасни. Па, зошто истото, односно помала верзија да не може да се стави на оџак од куќа. Со ова размислување тргнавме - вели Теофилија.
Таа ни објасни дека најголема улога во изработката на филтерот има Марко, заедно со професорот по физика Цветко Неделковски, кој им бил ментор. Марко ни објасни како функционира филтерот.

- Има еден адаптер што се поврзува на градска мрежа. Прво тој го снижува напонот за да го приспособи на вториот трансформатор, кој го претвора во високо напонски за да може од него, кога ќе се поврзе на цевките, да се формира електростатско поле меѓу нив. И всушност кога чадот поминува низ цевката, тука се лепат честичките во зависност од полначот што го имаат. Се инсталира над оџакот. Штетните честички се лепат на ѕидовите на цевките - вели тој.



Изработката ги чинела околу 100 евра бидејќи дел од деловите морале да ги нарачаат од странство, но потенцираат дека кога би се произведувал во поголем број, тоа би чинело помалку. Учениците објаснуваат дека сами ја платиле изработката, односно им помогнале родителите.
Со оваа иновација се претставиле на Предизвик за млади истражувачи, организиран од Фондот за иновации и технолошки развој. Но, учениците велат дека не им ја препознале иновацијата, па сега се надеваат дека некој претприемач или Град Скопје ќе ја забележи.



Професорот Неделковски вели дека филтерот треба да се подобри, особено во начинот на кој треба да се чисти, за што се потребни повеќе финансии.
- Ова е производ на кој му треба доусовршување, на пример, да се додаде систем кој би ги тресел честичките во посебен сад, слично како што се прави со пепелта. Важно е некоја компанија да ја препознае оваа иновација, да се доусоврши и, секако, учениците да станат дел од нешто големо бидејќи го заслужуваат тоа. Ние имаме идеја да направиме пилот-проект на десетина куќи, па да го видиме ефектот - вели Неделковски.


Со професорот Неделковски

Тој има слична идеја за ставање филтер и на автомобилите, но ќе ја реализира во следниот период.
Тројцата средношколци ни кажаа дека воопшто не се чувствуваат безбедно во Македонија, особено во зимски период.
- За жал, свеста кај нас, луѓето, е на многу ниско ниво, треба прво да ја разбудиме. Да ги почитуваме законите првенствено. Ние тројца веруваме дека со овој филтер воздухот во Скопје ќе се исчисти за една третина - вели Теофилија.

Мартин додава дека кај најголем број од своите врсници не гледа волја и желба да променат нешто или да направат нешто добро за животната средина.
- Има поединци што ги познавам кои размислуваат во оваа насока, но исто така знам дека мислат дека како индивидуа не можат да направат многу промени. А на мнозинството не им е гајле, сакаат некој друг да ги заврши работите во нивно име - завршува Мартин.


Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема