X
 10.09.2024 Наука

Во областите со загаден воздух има повеќе громови

Промените во животната средина предизвикани од човекот имаат последици што не се очигледни веднаш. На пример, загадувањето на воздухот сега се поврзува со зголемена фреквенција на молњи и громови.

Истражувачите од Универзитетот „Џејмс Медисон“ во Вирџинија, САД, анализирале податоци од повеќе од 500.000 громови во Вашингтон и Канзас Сити во период од 12 години и откриле дека поголемиот број фини честички во воздухот (аеросоли) е поврзан со поголем број молњи.

Врската меѓу аеросолите и громовите е истражувана и порано, но тоа е нешто за што научниците сè уште се обидуваат да направат соодветна процена поради многуте различни атмосферски фактори што се во игра.

- Загадувањето игра улога на јадро. Тоа оди во облаците преку струење, кое потоа ги дели честичките од загадувањето, што го дели електричниот полнеж во облакот и доведува до повеќе громови - објаснува географот Мејс Бентли.

Тимот ги анализирал ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките во животната средина и ги споредил со активноста на молњите. Изгледа дека концентрацијата на овие честички има поголемо влијание од нивната големина. Додека повеќе честички генерално значи повеќе громови, според податоците, доаѓа до момент кога присуството на многу честички во воздухот всушност изгледа дека ги намалува громовите, можеби поради губењето енергија во бурата.

Ова се сценарија со голем број варијабли и улога играат повеќе други фактори - од струења на воздухот до покриеност на земја. Затоа, иако проектираните врски се сложени, тие изгледа се исти во двата града.

- Изгледа дека без разлика каде одите низ светот, урбаното загадување е способно да ги зајакне молњите и громовите - вели Бентли.

Студијата нуди интересни откритија, на пример, дека молњите биле најчести и на двете локации во четвртоците. Понеделник бил најтивок ден кога станува збор за молњи во Вашингтон, додека во Канзас Сити тоа било петок. Истражувачите откриле и дека кога имало најмногу енергија во атмосферата, која е под влијание од фактори како температура и влажност, тогаш нивото на загадување на воздухот имало најголемо влијание врз бројот на удари на громови.

Ова овозможува да сфатиме како флуктуациите во загаденоста на воздухот може да продолжат да ги менуваат метеоролошките шеми. Следно, истражувачите сакаат да ја разгледаат оваа врска во други делови од светот, истовремено додавајќи повеќе мерки за да видат колкав ефект имаат аеросолите.

Студијата е објавена во „Атмосферик рисрч“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука