Велат дека музиката ги смирува и дивите ѕверови, а ново истражување покажува дека „Линкин парк“ е бендот што луѓето секогаш го слушаат кога сакаат да се справат со стресот.
Истражувањето спроведено од компанијата „Тебра“, која развива софтвер за здравствениот сектор и спроведува независни медицински истражувања, анкетирало 1.000 луѓе низ САД за нивните навики при слушање музика во моменти на стрес и емоционална преоптовареност. Покрај тоа, биле анализирани податоци од дури 155.626 песни што се наоѓаат на 560 јавни плејлисти посветени на намалување на стресот и менталното здравје.
Резултатите покажале дека одредени песни и музички стилови постојано се појавуваат кога луѓето бараат емоционално олеснување.
Според анкетата, музиката е најчестиот начин за ослободување од стрес - 35 отсто од испитаниците ја навеле како своја главна алатка за опуштање. На второто место се нашла физичката активност со 27 отсто, а потоа следуваат гледањето телевизија и филмови.
Исто така, истражувањето покажало дека 72 отсто од испитаниците сметаат дека слушањето музика значително го подобрило нивното ментално здравје.
Кога станува збор за изведувачите на кои Американците најчесто им се навраќаат во тешки моменти, на врвот на листата се „Линкин парк“, Адел и Тејлор Свифт. „Линкин парк“ особено се издвоил како изведувач што луѓето најчесто сами го наведуваат како избор за ублажување на стресот.
Анализата на стриминг-плејлистите покажала дека меѓу рок-бендовите најчесто се појавуваат „Рејдиохед“, „Дефтоунс“ и „Линкин парк“. Кога станува збор за изведувачи на метал, на плејлистите посветени на менталното здравје најзастапени биле „Алис ин чејнс“, „Слипкнот“ и „Металика“.
Иако тешките гитарски звуци и поагресивниот музички израз често се поврзуваат со бес или фрустрација, ова истражување покажува дека токму таквата музика им помага на многу луѓе да се справат со стресот и да пронајдат емоционална рамнотежа.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Magnific