X
 18.08.2021 Живот

Може ли да се претера со пиење течности?

Во топлите денови се обидуваме да консумираме што повеќе течности, но дали може да се претера и со тоа? Прекумерната хидратација може да предизвика мачнина, главоболка, слабост во мускулите и зголемен крвен притисок, пишува „Екапија“.

Може да доведе и до интоксикација со вода, што се случува кога количеството на натриум и други електролити во телото станува премногу разредено и предизвикува состојба на хипонатремија во која нивото на натриум станува опасно ниско. Натриумот е важен електролит кој го регулира распоредувањето на водата низ телото.

Иако е тешко да се стигне до интоксикација со вода, првите симптоми може да бидат главоболка, мачнина и повраќање. Потешките случаи може да имаат посериозни симптоми, како поспаност, слабост во мускулите или грчеви, зголемен крвен притисок, конфузија и отежнато дишење. Во екстремни случаи, таа може да предизвика напади и оштетување на мозокот.


Фото: Pixabay

Според податоци од истражување спроведено во 2013 година, бубрезите може да елиминираат  20-28 литри вода дневно, но не може да отстранат повеќе од 0,8 до 1 литар вода секој час. За да се избегне хипонатремија, важно е да не се надмине количеството вода што бубрезите може да го преработат.

Според истражувањето, симптоми на хипонатремија може да се развијат ако личноста испие 3-4 литри вода во краток период, иако авторите не даваат одредена временска процена. Според еден извештај, лица развиле симптоми откако консумирале над 2 литра вода на час.

За почеток, најдобро е да се процени колку вода му е потребно на нашето тело. Количеството вода што се пие треба да се приспособи и со исхраната, особено онаа во која има течности. Речиси секој пијалак може да помогне во задоволувањето на дневната потреба од течности, па дури и кафето. Но пијалаците што никогаш не придонесуваат за хидратација се алкохолот и енергетските пијалаци.

Извор: Ekapija
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот