X
 02.07.2025 Наука

Европејците во шок: „Француската криза е само почеток, ова е проблем за цела Европа“

Забраната за консумирање вода од чешма во францускиот град Сен Луи можеби е само почеток. Од јануари 2026 година, Европската Унија ќе почне да спроведува построги ограничувања за нивоата на таканаречените вечни хемикалии (група на широко користени хемикалии произведени од човекот, кои со текот на времето се акумулираат кај луѓето и животната средина) – ПФАС - во водата за пиење. Со оглед на тоа што повеќе од 2.300 локации низ Европа веќе ги надминуваат овие ограничувања, експертите предупредуваат дека француската криза е само почеток на поширок европски проблем.

-Мислам дека сме само на почетокот. Ако барате ПФАС, ќе ги најдете. Во моментов зборуваме за „пик“ само понекаде, но овие хемикалии ќе бидат насекаде: во Франција, Германија, Швајцарија, Велика Британија... насекаде - изјавила Северин Местр, жителка на Сен Луи која некогаш работела на клинички испитувања на лекови.

Еден месец откако предупредувањата стигнаа до жителите на францускиот град, паниката не стивнува. Флашираната вода се натрупува во продавниците, а редовите за нејзино купување потсетуваат на деновите на пандемијата.

Вработен во продавница во Сен Луи, Клемон Луек, вели дека никогаш не видел нешто слично во 30 години работа. Порано ставал 63 палети вода на полиците неделно, сега има повеќе од 120.

Здравствени проблеми, особено хормонални нарушувања

Локалните власти проценуваат дека речиси 3.000 луѓе во регионот Горна Рајна се во ранлива група и најавуваат еднократна помош од 80 евра по лице. Но, за жители како Сандра Видеман, која се преселила во регионот во 2020 година и оттогаш претрпела два спонтани абортуси и ѝ е дијагностицирана ендометриоза, тоа не е доволно.

-Здравствените проблеми започнаа кога пристигнав тука. Се прашувам дали постои врска со водата, но не можам да ја докажам – рекла таа.

ПФАС – пер- и полифлуороалкилни супстанции – се група од илјадници хемикалии кои, поради нивната перзистентност и непропустливост, се користат во сè, од тефлонски тави до облека, амбалажа, противпожарни пени и електроника. Тие не се разградуваат природно и можат да останат во животната средина со векови. Сега се наоѓаат во крвта на речиси секој човек на планетата.


И покрај ова, француските власти не спроведоа официјални крвни тестови кај локалните жители.

Проблемот со ПФАС во Сен Луи е тесно поврзан со аеродромот, кој е оддалечен само два километри. Пени за гаснење пожар што содржат ПФАС се користеле таму со децении, а хемикалиите се влевале во подземните води под новиот терминал.

Еколошка штета

Еколошката штета не е ограничена само на луѓето. Во САД алигаторите во Северна Каролина се регистрирани со неизлечени лезии, бројот на бебиња желки во Северниот Пацифик се намалил, а ластовиците во Висконсин не успеваат да ги одгледуваат своите потомци. Дури и во оддалечениот Арктик, фоките покажуваат знаци на хормонално нарушување - сите поврзани со ПФАС.

Европската мапа на загадување, водена од Францускиот национален центар за научни истражувања (ЦНРС), покажува повеќе од 23.000 контаминирани места - во вода, почва или организми. На 2.300 од нив, концентрациите на ПФАС ги надминуваат новите ограничувања што ЕУ ги воведува во 2026 година. Во Франција 34 општини се веќе над границата, а само во регионот Лион, 50. Вкупно 160.000 луѓе пиеле контаминирана вода.

Во Италија, во регионот Венето, 350.000 луѓе биле изложени на ПФАС од фабрика која работела од 1964 до 2018 година.

Во Сен Луи, документите на ЦНРС покажуваат дека властите имале пристап до податоци за покачени нивоа на ПФАС уште во 2017 година, но ништо не било преземено. Тиери Лицлер, потпретседател на агломерацијата на Сен Луи одговорна за водоснабдување, вели дека официјално бил информиран дури во октомври 2023 година.

Засега нема кривични или граѓански постапки против аеродромот, бидејќи употребените пени биле сертифицирани во тоа време. Портпаролката на аеродромот, Мануела Вициг, вели дека тие соработуваат со властите и имаат намера финансиски да придонесат за решавање на проблемот, но не дала детали.

Она што се случува во Сен Луи веројатно ќе биде вовед во многу поширока европска борба за чиста вода. Како што се приближува регулативата на ЕУ, се зголемува притисокот целосно да се забранат ПФАС, да се објават сите релевантни податоци и, најважно, да се повикаат на одговорност загадувачите.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука