X
 18.08.2022 Живот

Молдавија има радикален начин за борба против пијаните возачи - работа во мртовечница

Молдавија најде прилично радикален начин за борба против возачите во пијана состојба.

Оваа земја со години се соочува со огромни проблеми со пијаните возачи, па воведе прилично радикална мерка која се покажа како ефикасна и го намали бројот на луѓе што го повторуваат овој прекршок.

Имено, возачите на кои им е одземена возачката дозвола поради сообраќаен прекршок, може да ја добијат назад ако платат 200 евра и на тој начин си „купуваат“ билет за посебна поправна програма. Треба да се земе предвид еден важен факт, а тоа е дека просечната плата во Молдавија е околу 270 евра.

Поправната програма се состои од работа во болница. Возачите што се испратени таму треба да му помагаат на медицинскиот персонал при давање помош на жртвите од сообраќајни незгоди. Кога таму не е потребна помош, тие се испраќаат на друго одделение - во мртовечница. Мора да ја завршат целата работа што вообичаено се врши таму, како помагање при обдукција и миење на телата.

Програмата започна во главниот град во 2019 година со шест возачи кои биле казнети поради возење под дејство на алкохол. Еден се откажал од програмата по неколку минути откако почнал да работи во мртовечница, а друг рекол дека тоа му била најтешката лекција во животот.

- Ова ми е најтешката лекција во животот. Завршив со алкохолот, повеќе нема да пијам, ниту капка. Не сакам да се вратам тука - изјавил еден од возачите.

Кога осудените возачи ќе ја завршат оваа специјална програма, тие мора повторно да полагаат возачки испит.

Во моментов програмата дава одлични резултати. Над 600 возачи ја поминале, а досега е евидентиран само еден случај на повторување на истиот прекршок.

Извор: 6yka.com
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот