Лето и есен за паметење, точно пред шест децении. Легендарните „Битлси“ на 15 август 1965 година настапија пред рекордна публика од 55.000 луѓе на стадионот „Шеа“ во Њујорк.
На 27 август „Битлси“ ја поминаа вечерта со Елвис Присли во неговиот дом во Лос Анџелес, на 4 септември нивниот сингл „Help!“ се искачи на врвот на топ-листите и таму остана три недели, а на 11 септември истоимениот албум стана број еден и таму се задржа девет недели.
Два дена подоцна, на 13 септември, „Битлси“ ја освоија својата прва награда „Греми“ за најдобра група во 1964 година. Истовремено во САД беше објавен нивниот сингл „Yesterday“, изведен само од Пол со акустична гитара и гудачки квартет. Иако Пол ја напишал сам, како автори беа наведени тој и Џон Ленон. Песната беше дел од албумот „Help!“, објавен во август 1965 година, но во Велика Британија беше издадена 11 години подоцна, бидејќи многу се разликуваше од другите нивни дела.
„Yesterday“ стана најобработуваната песна на „Битлси“, со околу 2.200 верзии, а и една од најобработуваните воопшто во музичката историја. Во анкета на „Би-би-си радио 2“ во 1999 година, прогласена е за најдобра поп-песна на 20 век, а една година подоцна ја доби истата титула од Ем-ти-ви и „Ролинг стоунс“.
Мелодијата му дошла во сон
Песната често се карактеризира како меланхолична балада за изгубената љубов. Пол изјавил дека стиховите „I said something wrong“ можеби биле инспирирани од сеќавање од детството кога ја задевал мајка му зашто му звучела премногу „отмено“. Биографите тврдат дека целата мелодија му дошла во сон додека живеел со својата девојка Џејн Ашер и нејзиното семејство.
Кога се разбудил, веднаш седнал на пијано за да не ја заборави. Месец дена им ја свирел на луѓето од индустријата прашувајќи дали некогаш ја чуле, плашејќи се дека несвесно направил плагијат. Кога се уверил дека мелодијата е негова, почнал да пишува стихови. Првично, песната се викала „Scrambled Eggs“ - збор кој стоел и во првичните стихови, а тоа станало шега во бендот бидејќи не можеле да најдат соодветни зборови.
За време на снимањето на филмот „Помош!“, Пол постојано ја свирел на пијаното на сетот, што го изнервирало режисерот Ричард Лестер. Еден ден му се заканил, или да ја заврши или ќе му го земе пијаното. И трпението на Џорџ Харисон било при крај, па изјавил дека Пол зборувал за таа песна како да е Бетовен.
„Yesterday“ наместо „Scrambled Eggs“
Конечната идеја за стиховите Пол ја добил на патување со Џејн Ашер во Португалија, во мај 1965. Се вели дека Ленон предложил „Scrambled Eggs“ да се замени со „Yesterday“. Песната била снимена на 14 јуни 1965 година, четири дена пред 23. роденден на Пол. Со совет на продуцентот Џорџ Мартин, песната останала само со гитарата на Пол и гудачки квартет, без другите членови на бендот.
Иако не била издадена како сингл во Британија, Мет Монро ја снимил првата од многуте обработки и таа влегла во топ-10 на британските листи. Во САД, пак, „Yesterday“ била објавена како сингл на 13 септември 1965 година, и на 9 октомври стигнала на врвот на „Билборд хот 100“, каде што останала четири недели. Во рок од пет недели се продала во милион примероци.
„Yesterday“ била петтиот од шесте последователни синглови на „Битлси“ што се најдоа на врвот во САД, рекорд за тоа време. На 4 март 1966 година се појави и на британскиот албум „Yesterday“, кој набрзо станал број еден. Подоцна песната била вклучена и на американскиот албум „Yesterday and Today“.
Во 2004 година списанието „Ролинг стоун“ ја стави на 13. место на листата од 500 најголеми песни на сите времиња. Иако беше номинирана за песна на годината на „Греми“ во 1966, наградата ја освои „The Shadow of Your Smile“ на Тони Бенет.
Извор:
Slobodnadalmacija.hr
Фото:
Wikipedia