X
 18.10.2018 Живот

Во оваа европска држава абортусот е забранет и во случај на силување и загрозен живот

Андора е најпозната како скијачки центар и даночна оаза, но е и една од последните европски земји што го забрануваат абортусот. Жените во оваа земја со 85.500 жители, сместена во Пиринеите меѓу Франција и Шпанија, немаат право на абортус дури ни во случај на силување ни кога им е загрозен животот.

Откако Ирска годинава со референдум ја укина забраната за абортус, такви закони во Европа има само уште во Малта, Ватикан и во Сан Марино.

Во Андора абортусот се казнува со затвор во траење до шест месеци.

- Бев бремена со бебе за кое имаше ризик дека ќе умре во мојот стомак, но немав право на абортус - вели Сонија, која во петтиот месец од бременоста дознала дека нејзиниот плод има неизлечлива болест и дека веројатно нема да ја преживее бременоста.

Според андорските закони, таа морала да роди мртвороденче, но сепак донела одлука да го абортира. Како и повеќе од стотина жени секоја година, така и Сонија ја преминала границата и постапката ја извршила во Каталонија.

- Вие доаѓате во нашата земја да купите цигари, ние доаѓаме во вашата земја да ги купиме нашите права - е слоганот на плакат за легализација на абортусот кој се споделува на социјалните мрежи.

- Тоа е облик на мачење. Би требало да имаме право на тоа во нашите болници, а не да одиме во Барселона со чувство на вина и срам - вели Ванеса Мендоза Кортес од здружението „Сопрете го насилството“, кое се бори за легализација на абортусот.

Кортес сака абортусот да биде тема на кампањата на парламентарните избори следната година. Таа ги осудува андорските власти и смета дека се лицемерни бидејќи ги затвораат очите пред фактот дека жените одат во странство за да абортираат.

Сепак, тоа е опција што им е на располагање само на оние жени што можат да платат меѓу 600 и 1.000 евра.

Марија, која абортирала на 18 години, вели дека имала среќа што нејзината фамилија успеала да собере пари бидејќи е свесна дека многу жени ја немаат таа можност. Денес таа има 27 години и се сеќава на шокот што го доживеала кога андорскиот гинеколог ја присилувал да го слуша отчукувањето на срцето на фетусот, обидувајќи се да ја одврати од прекинот на бременоста.

Враќањето од клиниката за абортуси во Шпанија траело три часа во текот на кои таа имала големи болки во стомакот. Се вратила многу вознемирена, но потоа не добила никаква психолошка или лекарска поддршка.

Андорските лекари ризикуваат да завршат зад решетки и таму да останат до три години, како и да добијат петгодишна забрана за работа доколку бидат фатени како вршат абортуси.

- Законот го кршат дури и ако на пациентите им дадат информации или адреси од клиниките во странство. Во случаите кога е загрозен животот на мајката, за мене како лекар тоа претставува огромен етички проблем - вели лекарот Ерик Силвестре Долса.

Тој е еден од ретките андорски лекари што отворено ја поддржуваат легализацијата на абортусот.

Многу лекари не сакаат отворено да разговараат за абортусот поради страв дека расправата за тоа ќе предизвика нестабилност во кнежеството. Иако Андора е парламентарно кнежество, земјата од историски причини има двајца кнезови на чело на државата: францускиот претседател и бискупот од Ургел. Според Елиса Муксела, претседателка на андорскиот Институт за човекови права, сегашниот бискуп Жоан Енрик Вивес се противи на абортусот и се заканува со абдикација ако тој биде легализиран.

Жоан Енрик Вивес и Емануел Макрон
Фото: Wikipedia

- Владата се крие зад тој изговор и вели дека прашањето со абортусот може да ги загрози нашите институции - вели Муксела.

Сонија сака францускиот претседател Емануел Макрон јавно да се изјасни за прашањето.

- Направете нешто за андорските жени. Не сакам мојата ќерка да минува низ истото како мене - му порачува таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот