X
 18.11.2020 Здравје

Начини на кои вашето тело ви кажува дека консумирате премногу сол

Голем дел од луѓето низ светот внесуваат многу повеќе сол отколку што им е потребно. Според Американското здружение на заболени од срце, 9 од 10 лица во САД консумираат премногу сол на дневно ниво. Докторите препорачуваат да се внесуваат најмногу 2.300 милиграми натриум дневно, а според податоците, Американците консумираат просечно 3.400 милиграми натриум дневно.

Како може да дознаете дали и вие внесувате премногу сол? Еве некои начини на кои вашето тело ви кажува дека треба да го намалите количеството сол што го консумирате.

Постојано сте жедни

Речиси секој знае дека солта нè прави жедни. Без разлика дали сте консумирале повеќе сол преку пица или чипс, натриумот од солта оди во крвта каде што телото се обидува да го избалансира и има потреба од повеќе течности.

Често одење во тоалет

Преголемото количество сол во храната ја менува хемијата во телото. Повторно, телото бара повеќе вода за да го избалансира вишокот сол во крвта и тоа доведува до почесто уринирање. Едно истражување покажува дека лицата што јадат повеќе сол уринираат 15% почесто во текот на ноќта.


Фото: Pixabay

Чувство на надуеност

Вишокот течности што се внесуваат поради големото количество сол во храната предизвикува чувство на надуеност во стомакот. Истражување од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ покажува дека лицата што внесуваат повеќе сол се чувствуваат надуени 27% почесто отколку оние што внесуваат малку сол. Вишокот течност може да предизвика и отоци на екстремитетите.

Солта влијае врз вкусот

Автоматското посегнување по соларникот може да го навреди готвачот, но и да влијае врз чувството за вкус. Според едно истражување, поголемиот дел од храната може да има лош вкус за оние што се навикнати да ставаат сол во сè. Рецепторите за вкус се навикнати на солена храна и затоа го очекуваат тоа.


Фото: Pixabay

Често се разболувате

Научниците сметаат на солта како на убиец на бактерии. Солените раствори и миењето во солена вода помагаат во лекувањето на раните и намалувањето на воспаленијата поради ова. Меѓутоа, според едно истражување, исхраната богата со сол може да доведе до ослабување на имунолошкиот систем, кој се бори со бактериите за да спречи болести. Истражувачите откриле дека глувците што имале исхрана богата со сол почесто добивале воспаленија предизвикани од бактериите во бубрезите.

Чести главоболки

Редовното јадење прекумерни количини сол доведува до проширување на крвните садови во мозокот, што предизвикува главоболки. Во едно истражување луѓето што јаделе повеќе сол имале 33% повеќе главоболки.

Може да доведе до висок крвен притисок

Експертите со причина го нарекуваат високиот притисок „тивок убиец“. Оваа состојба има малку симптоми и повеќето од луѓето не се свесни дека ја имаат додека не биде предоцна. Солта е една од причините за појава на висок крвен притисок. Преголемите количества вода и сол во крвта го зголемуваат волуменот на крвта, а тоа го зголемува притисокот во артериите и во вените.


Фото: Pixabay

Сува кожа и проблеми со кожата

Истражувачите велат дека количеството сол во исхраната игра значајна улога во здравјето на кожата. Имено, прекумерното консумирање сол може да предизвика состојби како дерматитис и егзема.

Зголемување на телесната тежина

Јадењето многу сол доведува до задржување на повеќе вода во телото, а тоа може да се покаже на вагата, велат нутриционистите. Освен тоа, солената храна може да ги зголеми маснотиите во крвта бидејќи солената храна најчесто е многу калорична и заразна за јадење.

Автор: Брајан Гуд
Извор: healthdigest.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје