Астрофотографот Ендру Мекарти успеа да направи фотографија од моментот кога Сонцето буквално се порамни со падот на еден падобранец, создавајќи неверојатно ремек-дело. Резултатот е фотографија од човечка силуета исцртана врз огнените детали на Сонцето.
- Ова можеби е првата фотографија од овој вид воопшто - напиша фотографот Мекарти на неговиот твитер-профил. Додека ја планирал фотографијата, тој се обидувал да го усогласи аголот на Сонцето, положбата на падобранецот, висината на скокот, растојанието од земја и од телескоп - сето тоа во ист момент.
По шест обиди да го усогласи летот со положбата на Сонцето, фотографот и неговиот соработник, падобранец и музичар Габриел С. Браун, конечно успеале да ја создадат фотографијата што ја имале на ум.

Фото: Twitter
Браун скокнал од мал авион со пропелер, на висина од 1.070 метри.
- Сè уште не можам да поверувам дека ни успеа! Требаше да ја најдеме точната локација, време, авион и растојание за најчиста снимка и да го погодиме точниот момент на скок со координација - напиша Браун на неговиот инстаграм-профил.
Мекарти е познат по своите неверојатно детални снимки на вселенски појави. Во 2022 година успеа да улови коронално исфрлање долго еден милион километри што излегувало од Сонцето.
Во соработка со планетарниот научник Конор Маторн, успеа да ги фотографира и сите „агли и вдлабнатини“ на блиската страна од Месечината, користејќи 200.000 фотографии составувани речиси две години.
Извор:
Science Alert
Фото: Andrew McCarthy