X
 18.12.2025 Живот

Колумна: Штедење енергија - внимавајте од каде доаѓаат советите

Енергијата, особено електричната, е апсолутно неопходна за денешниот модерен живот. Можеме ли да го замислиме нашето секојдневие без електрично осветление, радио, телевизија, без топла вода, фрижидери, компјутери, телефони, без автомобили итн.? Денес сите ги користиме модерните благодати, но сите тие се поврзани со трошење енергија. Од друга страна, енергијата се добива претежно со согорување на фосилни горива, при што се ослободува јаглерод диоксид (СО2), кој е главниот причинител за глобалното затоплување, односно климатските промени.

За да се спречи ова штетно влијание, денес се одвива т.н. енергетска транзиција, односно користење обновливи извори на енергија, како и зголемување на енергетската ефикасност. Терминот штедење енергија по своето значење речиси се совпаѓа со енергетската ефикасност, но сепак има мала разлика. На пример, со замена на стари електрични светилки со нови ЛЕД- светилки се зголемува енергетската ефикасност. Но ако порано сте ги исклучувале светилките во поголем дел од времето, а сега новите ги оставате да бидат постојано вклучени (бидејќи трошат помалку ел. енергија), тогаш нема заштеда на енергија иако сте ја зголемиле енергетската ефикасност. Во принцип, со зголемување на енергетската ефикасност се прави и заштеда на енергија при правилно користење на опремата и системите.

Во Република Македонија е донесен Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), како и 4. Национален акциски план за енергетска ефикасност (2021 г.). Во Стратегијата за енергетски развој на РМ, како и во Националниот план за енергетска ефикасност е посветено големо внимание на енергетската ефикасност во разни области. Но спроведувањето на плановите е на многу ниско ниво, а со тоа се намалени можностите за заштеда на енергија.

Многу фирми за да го подобрат својот имиџ, споменуваат дека спроведуваат енергетска транзиција, користат „зелена енергија“, преземаат мерки за зголемување на енергетската ефикасност и слично. Има и такви кои на своите интернет-страници даваат совети како да се штеди енергија иако работат во друга дејност. Целта им е да постигнат поефикасен маркетинг во јавноста.

Но некои од нив го прават тоа на некоректен начин, па граѓаните добиваат погрешни информации. Решив да направам кратко пребарување на интернет (Google) и еве во продолжение неколку примери.

- „Изолираниот ѕид штеди 30 % од енергијата.“
(Од фирма за онлајн продажба на сѐ и сешто)
Да, изолираниот ѕид штеди енергија, ама колку проценти зависи од дебелината и видот на изолацијата.

- „Провери го термостатот на фрижидерот. Тој најефикасно работи кога температурата е поставена меѓу 3 и 5 степени, а замрзнувачот на 0 Целзиусови степени.“ (Од фирма што работи со платежни картички).
Замрзнати продукти не се чуваат на 0 Целзиусови степени. На оваа температура тие ќе се одмрзнат.

- „Ако користите клима-уред за греење/ладење (А класа 18 троши 45 киловати месечно, за еден час дневно.“ (Од фирма за кредитирање граѓани).
Не е коректно напишано, а наместо совет, читателот ќе се збуни.

- „Оптималните температури за работната средина се 24,5 Целзиусови степени во лето и 22 степени во зима.”
(Од фирма за професионална ориентација и вработување).
Да, тоа се прифатливи температури, а за комфорот се можеби и оптимални. Но на овие температури не се штеди енергија.

- „Бојлерите се еден од најголемите потрошувачи на енергија во домот. Спуштањето на термостатот на бојлерот на 120°F...“.

Ова е објавено на македонски јазик, но е директно преведено од странска веб-страница така што температурата е изразена во Фаренхајтови степени.

- „Дали сте знаеле дека доколку амбиенталната температура ја намалите од 23 на 22 степени, односно само за 1 степен вие заштедувате 10 %.“
(од фирма за термотехника).
Во грејната сезона внатрешната температура не е 23 степени.

- „Одржувајте оптимална температура во домот. Оптимална летна температура од 24 °C, ...“ (Објавено на веб-страницата на ЕВН)
Ова не е коректно.

- „Користете ги машините за миење садови и перење алишта по 22:00 часот.“ (Објавено на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика на РМ).
Со овој совет не се штеди енергија, туку се штедат пари бидејќи по 22 часот има евтина тарифа на електричната енергија. Но би имало заштеда на енергија ако алиштата се перат на пониска температура.

Се разбира дека има повеќе објавени информации за штедење енергија кои не се коректни, така што корисниците (читателите) треба да внимаваат од каде доаѓаат, дали изворот е релевантен и на задоволително стручно ниво.

За да се штеди енергија би било корисно да се научат барем основните поими за неа: какви облици на енергија постојат, некои термодинамички поими, начини на премин на топлина, некои елементи од енергетска опрема и принцип на работа итн.

Основните поими и процеси за енергијата може да се прочитаат во книгата „Енергија – Како да се заштеди“, автор Ристо Цицонков, во издание на „Енергија“, а во која има посебно поглавје со 130 совети како да се штеди енергијата.

Со штедење енергија се намалува потрошувачката на горива и на електрична енергија. Тоа е бенефит и за корисникот и за државата бидејќи потребата од производство и увоз на горива и електрична енергија ќе биде намалена. А соодветно се намалуваат и емисиите на стакленички гасови.


Автор д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот