X
 19.01.2020 Живот

Ги бодревме ракометарите во Виена, со „Медена земја“ испишавме историја, пронајдовме успешна наша виолинистка во Холандија...

Направивме интервју и со академик Љупчо Коцарев, новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите

Зошто бегаме од националните обележја, сите успеси на „Медена земја“, приказни од Виена со навивачите и нашите ракометари, Скопје може да стане голем урбан топлински остров... Пишувавме и какви новини во МАНУ ќе донесе новиот претседател во ексклузивното интервју, а најдовме и наша успешна виолинистка на универзитет во Холандија... Ова се само дел од темите на кои се посветивме минатата недела.

Бегаме од националните обележја зашто не знаеме какво богатство имаме. Во овој текст дознавме зошто деновите од Божиќ до Водици – Богојавление меѓу народот се познати како погани и нечисти денови. Според народните верувања, во овие денови по земјата шетаат зли духови, демони, лоши сили, народот верува дека водите се нечисти, опседнати со зли духови, дека крстот е врзан, немоќен да ги протера злите сили - вели проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, доктор по филолошки науки, која во последните седум години го истражува фолклорот, а поконкретно шаманизмот во нашата народна традиција. Од нејзината работа произлезе и книгата „Шаманизмот во македонската народна традиција“, која беше објавена во декември во издание на „Македоника литера“.


Проф. д-р Ана Витанова-Рингачева

Минатата недела во фокусот повторно беа успесите на „Медена земја“. Но, овој пат испишавме историја бидејќи филмот доби две номинации за „Оскар“.
Филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов e номиниран во две категории на наградите „Оскар“. Ова е првпат во историјата на македонската кинематографија еден филм да влезе на листата во две категории – за најдобар странски филм и најдобар документарец.
Македонија за престижната статуетка се надеваше со филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски кога беше номиниран во категоријата најдобар странски филм.



Интересни приказни напишавме и од Виена, каде што Македонија играше на Европското првенство во ракомет. За жал, дома се вративме по три одиграни натпревари. Во Виена го најдовме најстрасниот навивач, а направивме интервју и со голманот Никола Митревски.

Името Ристо Илков (58), кој е од Дојран, не им значи многу на македонските спортски фанови. Но, ако го споменете Фичо Дојран, тогаш сите со воодушевување ќе ви кажат дека тој е најголемиот обожавател на македонскиот спорт. Фичо со голема страст ја бодри македонската ракометна репрезентација и на Европското првенство во Виена. Тој две децении ги следи нашите момчиња на сите првенства.


Фичо со голема страст ја бодри македонската ракометна репрезентација

Најсветол момент на Европското првенство во ракомет беше победата на Македонија против Украина, за која најголем придонес имаше голманот Никола Митревски.
Неговите одбрани на тој меч го сместија во топ-10 голмани во првиот круг на првенството. Со Митревски се сретнавме веднаш по изгубениот натпревар со Австрија. На неговото лице се чита разочарувањето, но со насмевка потенцира дека сѐ во животот е школо.


Со Митревски се сретнавме веднаш по изгубениот натпревар со Австрија

- Таа ни беше единствена победа на ова првенство. Тешко извојувана. Мислам дека сите ние имаме придонес за таа победа, кој повеќе, кој помалку. Никогаш не сум издвојувал поединци, така што не би зборувал сега ни во победи ни во порази. Бидејќи ова е тимски спорт. Играат сите и секој има заслуга за победата или поразот - вели Митревски на почетокот на нашиот разговор.

Минималната зелена површина по глава на жител треба да биде 9 квадратни метри. Каква е ситуацијата во Скопје? Истражувањата на една случајно избрана локација во градов покажале дека дури 90 отсто се урбана површина. Сето ова води кон претворање на Скопје во еден голем урбан топлински остров, покажуваат резултатите од последните истражувања на геодетот Гордана Јовановска-Каплан, доктор на науки во областа на далечинската детекција и гео-информациските системи. Таа неодамна докторира на темата „Интеграција на оптички и радарски сателитски снимки за набљудување на Земјината покривка“. Во моментот работи како доцент во Институтот за Земја и вселена при Техничкиот факултет во Ескишехир, Турција, каде што се прават различни мултидисциплинарни истражувања.


Гордана Јовановска-Каплан

Јакнењето на советодавната функција на МАНУ треба да биде централна тема на Академијата во наредните четири години. Активностите треба да бидат насочени кон изработка на научно фундирани документи за круцијални прашања поврзани со сегашноста и иднината на Република Македонија, кои, меѓу другото, ќе бидат корисни и за креаторите на политиките, вели во интервјуто за Факултети.мк академик Љупчо Коцарев, новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Проф. Коцарев доаѓа од Одделението за технички науки при највисоката научно-уметничка институција во земјава.


Проф. д-р. Љупчо Коцарев / Фото: Иван Блажев

Ирина Трајковска студира класична музика во лулката на уметноста - Холандија. Минатиот месец веќе имала три солистички концерти пред холандската публика. Вели дека е опкружена со култура и се чувствува како дома, а најголема радост ѝ се дружбите со колеги од целиот свет, како Малезија, Индија, Канада, но и собирањето знаење од врвни виолинисти.


Ирина Трајковска

- Студирам во класата на реномираниот полски виолинист Пјотр Јашурковски во Холандија, поточно најјужниот град Мастрихт. Тука дојдов пред три години, претходно завршив средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на професорот Ерхан Шукри. Посебна гордост ми претставува да студирам додипломски студии кај Јашурковски. Непосредно пред да бидам примена во неговата класа соработував и со Роберт Шредер (Блед, Словенија), истакнат педагог и виолинист кој ми ја поддржа иницијативата за студирање во Холандија. Студиите овде се стимулативни, напредни и високо ценети - вели Трајковска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот