X
 05.12.2025 Наука

Зборувањето повеќе јазици може да го забави стареењето на мозокот

Кога станува збор за здраво стареење на мозокот, вообичаените совети се здрава храна, физичка активност и одржување социјални контакти. Но, новите докази додаваат уште една задача на листата - учење нов јазик.

Истражувачите откриле дека зборувањето повеќе јазици може да биде поврзано со намален ризик од забрзано когнитивно стареење. Нивното истражување, објавено во списанието „Нејчр ејџинг“, укажува дека поттикнувањето повеќејазичност може да биде корисна стратегија за јавното здравје.

Иако некои претходни истражувања укажуваат дека зборувањето повеќе јазици може да помогне во заштита на меморијата и вниманието, вкупните резултати досега не биле баш убедливи затоа што биле на мали примероци, несоодветни методи на мерење на стареењето и други фактори. Анализирајќи податоци од повеќе од 86.000 здрави лица на возраст од 51 до 90 години во 27 европски земји, тимот на ова истражување избегнал дел од тие недостатоци.

- Ефектите на повеќејазичноста врз стареењето отсекогаш биле контроверзни, но не мислам дека досега имало истражување од ваков размер што ги покажува резултатите толку убедливо - вели Кристиос Плиацикас, когнитивен невронаучник од Универзитетот во Рединг, Англија.

Истражувачите ја утврдиле разликата меѓу хронолошката возраст на секој учесник и неговата предвидена возраст врз основа на здравствени и животни фактори. Ако предвидената возраст е значително повисока од реалната, тоа укажува на побрзо стареење и зголемен ризик од болести поврзани со возраста.

Научниците ја анализирале разликата меѓу овие две вредности во однос на бројот на јазици што учесниците сами пријавиле дека ги зборуваат.

Редовното создавање уметност, музика или играње видеоигри може да го одложи стареењето на мозокот

Компјутерските анализи покажале дека оние што зборуваат повеќе јазици имаат двојно помала веројатност за забрзано стареење во споредба со оние што зборуваат само еден јазик. Заштитниот ефект останал значаен и кога истражувачите ги зеле предвид лингвистичките, физичките, социјалните и социо-политичките фактори, како квалитетот на воздухот и родовата еднаквост. А колку повеќе јазици зборувале, толку подобро.

- Зборувањето повеќе јазици активира повеќе системи. Те тера да управуваш со вниманието и да се префрлаш меѓу јазични правила. Сето тоа ги зајакнува мрежите кои слабеат со возраста - вели Агостин Ибањес, невронаучнк од колеџот „Тринити“ во Даблин.

Освен јазиците, и редовното создавање уметност, музика или играње одредени видеоигри може да го одложи стареењето на мозокот. Овие хобија можеби се поефикасни од традиционалните когнитивни вежби, како сложувалки, бидејќи креативното размислување активира повеќе мозочни региони.

Резултатите од истражувањето укажуваат дека креаторите на политики треба да го вклучат учењето јазици во здравствените и образовните стратегии, со посебно значење за земјите каде што англискиот е доминантен. Додека 50 до 70 отсто од светската популација зборува повеќе јазици, оние чиј мајчин јазик е англискиот не зборуваат друг јазик, објаснува Стивен Меј, научник од Универзитетот во Окленд.

Извор: Smithsonianmag.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука