X
 03.05.2022 Образование

Во 10 фински града штрајкуваат наставници од училишта и градинки

Денеска во 10 града низ Финска треба да почне еднонеделен штрајк со кој се затвораат јавните установи како библиотеки, градинки и училишта.

Како што пишуваат финските медиуми, за штрајк се одлучиле наставниците бидејќи советодавниот одбор формиран за да го реши долготрајниот работен спор не презентирал предлози за решение, поради непремостливите разлики меѓу страните во спорот.

Штрајкот ќе опфати 81.000 вработени во Еспо, Хелсинки, Јиваскила, Кауниаинен, Куопио, Оулу, Рованиеми, Тампере, Турку и Ванта. Само во главниот град ќе штрајкуваат околу 31.000 вработени.

Според државниот потсекретар задолжен за советодавниот одбор, Елина Пилканен, на одборот му треба повеќе време за да го претстави предлогот за спогодба бидејќи страните остануваат премногу оддалечени, особено за прашања поврзани со наградувањето и структурата на платите.

- Невозможно е да се поднесе предлог за спогодба. Нашата работа ќе продолжи - изјави таа одбивајќи да процени колку време ќе им биде потребно на страните за да најдат заеднички јазик.

- Со нашиот штрајк работата на советодавниот одбор ќе стане уште потешка. Преговорите меѓу претставниците на општинскиот сектор во моментов не изгледаат како реална можност, иако не ја исклучуваме целосно - вели Оли Лукаинен, претседател на одборот на Преговарачката организација за професионалци од јавниот сектор.

Синдикатите повикаа на повеќегодишни програми за наградување, покрај општите зголемувања на платите за околу 3,6 отсто.

Извор: Helsinkitimes.fi
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование