X
 19.05.2025 Живот

Колку часа неделно работат Европејците и кој работи најмногу?

Според податоците од „Евростат“, Европејците работат во просек по 36 часа неделно. Од мапата што го прикажува просечниот број на работни часови во секоја земја може да се заклучи дека се работи повеќе во источниот дел на Европа.

Сепак, важно е да се напомене дека прикажаното просечно работно време ги вклучува и работниците со полно и со скратено работно време. Затоа врз резултатите влијаат разликите во уделот на вработени со скратено работно време во различни земји, како и различните законски рамки и навики во траењето на работната недела. Од податоците може да се заклучи дека во земјите со генерално пониски плати луѓето почесто работат со полно работно време.

rabotenje
Фото: Eurostat

Најкуса работна недела имаат жителите на Холандија (во просек 32,1 часа неделно), а потоа следуваат Данска, Германија и Австрија со точно 33,9 часа. Најдолга работна недела има Грција (39,8 часа), а по неа се Бугарија (39,0), Полска (38,9) и Романија (38,8). Во Хрватска тој просек изнесува 37,8 часа.

Доколку во споредбата се вклучат и државите надвор од ЕУ за кои има податоци, највисокорангирана е Турција со 43,1 часа неделно, а веднаш по неа е Србија со 41,3 часа.

Ако се гледа според професии, најмногу се работи во земјоделството, шумарството и рибарството, просечно 41,2 часа неделно, додека најмалку се работи во секторите уметност, забава и рекреација, односно 32,9 часа.

Податоците се однесуваат на вработени лица на возраст од 20 до 64 години и на нивната главна работна активност.

Извор: Forbes.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот