Во длабочините во близина на островот Јонагуни, во крајниот југозападен дел од Јапонија, има низа подводни формации кои предизвикуваат вчудовидување со својата големина и геометрија.
Некои научници веруваат дека може да има траги од изгубен град стар пред повеќе од 10 илјади години. Според нивните тврдења, овие монументални структури - слични на пирамиди, тврдини и храмови - можеби биле дело на древна цивилизација.
Еден од најгласните застапници на оваа теорија бил морскиот биолог Масаки Кимура, кој го проучувал местото со години и верувал дека станува збор за остатоци од град, кој можеби го изградиле членови на Џомон - древен народ кој живеел на јапонските острови илјадници години пред Христа.
Главните аргументи во корист на теоријата за изгубениот град се засноваат на извонредната регуларност на формациите, кои личат на скалести пирамиди, патишта и скулптури. Кимура дури тврдел дека пронашол резби и фигури слични на животни во каменот, вклучувајќи го и она што го опишува како подводна сфинга.
Од друга страна, професорот Роберт Шох од Универзитетот во Бостон не е убеден. Тој тврди дека станува збор за природни формации од песочник, чии прави линии и плочи лесно можат да се објаснат со раседи и тектонски движења во сеизмички активна област.
Мистериозна приказна
Дополнителен слој на мистерија доаѓа од историските записи за моќни цунами бури што ја погодиле областа во минатото. Една таква бура, во 1771 година, одзела илјадници животи, а научниците сугерираат дека вакви катаклизмични настани се случуваат на неколку века.
Постои можност само една таква природна катастрофа засекогаш да го покрила она што некогаш било населено подрачје.
Иако истражувањата продолжиле, па дури и биле поддржани од други јапонски експерти, како што е сеизмологот Тору Оучи, сепак, постојат спротивставени мислења. Скептиците истакнуваат дека наводните натписи и резби не се ништо повеќе од природни гребеници и ерозивни формации. Денес, по речиси 40 години откако еден локален нуркач првпат наишол на пирамидалната структура, Јонагуни сè уште ја возбудува имагинацијата.
Дали е навистина антички град проголтан од морето или е игра на природата и човечката желба за мистерија? Одговорот сè уште не е пронајден, но едно е сигурно - фасцинацијата од тоа место не стивнува.
Извор: klik.hr
Фото: YouTube screenshot