X
 18.03.2019 Живот

Зошто кучињата живеат пократко од луѓето?

Без оглед на тоа дали приказната на еден ветеринар за тоа како едно 6-годишно дете му објаснило зошто кучињата живеат пократко од луѓето е вистинита, заслужува малку внимание. Ако не сакате да читате вакви приказни, прескокнете го воведниот дел и преминете на листата со работи што треба да ги научиме од кучињата.

„Затоа што сум ветеринар, ме повикаа да прегледам 10-годишен ирски волчјак кој се викаше Белкер. Сопствениците на кучето, Рон, неговата сопруга Лиза и синчето Шејн беа многу приврзани со Белкер и се надеваа дека ќе се случи чудо. Го прегледав и открив дека умира од рак. Ѝ кажав на фамилијата дека не можеме да направиме ништо и понудив евтаназија за старото куче во нивната куќа. Се договоривме. Рон и Лиза ми рекоа дека мислат дека би било добро за шестгодишниот Шејн да биде присутен на процесот. Мислеа дека Шејн би можел да научи нешто од тоа искуство.

Утредента ја почувствував вообичаената кнедла во грлото кога фамилијата го опколи Белкер. Шејн изгледаше многу смирено. Го галеше старото куче за последен пат и се прашував дали сфаќа што се случува. За неколку минути Белкер мирно замина.

Момчето изгледа го прифати преминувањето на Белкер без тешкотии и збунетост. Седевме заедно некое време по смртта на Белкер и гласно се прашувавме зошто кучињата живеат пократко од луѓето. Шејн, кој нѐ слушаше во тишина, рече: - Јас знам зошто. Сите се свртевме кон него. Тоа што го кажа ме зачуди. Никогаш не сум слушнал поутешително објаснување. Тоа ми го промени начинот на живот.

Рече: - Луѓето се раѓаат за да научат како да живеат добар живот - да ги сакаат сите цело време и да бидат фини, така? Па, кучињата веќе знаат како се прави тоа, па не мора да остануваат толку долго како нас.

Запомнете, ако кучињата беа учители, тие би поучувале на вакви нешта:
  • Кога вашите сакани доаѓаат дома, секогаш потрчајте да ги пречекате;
  • Никогаш не пропуштајте ја шансата да тргнете во весело возење со автомобил;
  • Нека искуството со свеж воздух и ветар на вашето лице биде чиста екстаза;
  • Дремнувајте;
  • Истегнете се пред да станете;
  • Трчајте, глупирајте се и играјте секој ден;
  • Барајте внимание и дозволете им на луѓето да ве допираат;
  • Избегнувајте го каснувањето кога малку 'ржење може да ја заврши работата;
  • Кога надвор е жешко, пијте многу вода и лежете на грб под некоја сенка на дрво;
  • Кога сте среќни, танцувајте и мрдајте го целото тело;
  • Уживајте во едноставното задоволство на долгата прошетка;
  • Бидете верни;
  • Никогаш не преправајте се дека сте нешто што не сте;
  • Ако она што го сакате е закопано, копајте додека не го најдете;
  • Кога некој има лош ден, бидете тивки, седнете покрај него и нежно припијте му се.
Тоа е тајната на среќата што можеме да ја научиме од нашите сакани миленици.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот