X
 19.06.2023 Здравје

Паметен телефон открива рани знаци на деменција според говорот

Група канадски истражувачи создале модел за машинско учење кој со анализа на говорните модели укажува на појава на Алцхајмерова болест и слични болести, без оглед на јазикот кој се зборува.

Истражувачите од Универзитетот во Алберта претходно работеле на слични модели и алатки за откривање психолошки состојби како шизофренија, депресија и биполарно нарушување. Новиот модел, кој бил награден на меѓународна конференција одржана во Грција, може да препознава пациенти со Алцхајмерова болест во 70-75 отсто од случаите.

Досега беше тешко да се открие Алцхајмеровата болест во раните фази бидејќи симптомите често започнуваат суптилно и може да се помешаат со проблеми поврзани со меморијата типични за староста. За да се откријат промените во мозокот, потребни се различни медицински слики и анализи на лабораториски тестови, што одзема многу време, чини многу и обично се прави кога болеста е веќе напредната.

Раното откривање на индикаторите за деменција со помош на паметен телефон би го забрзало процесот и лекувањето би започнало многу порано, истакнуваат истражувачите. Нивната алатка нема да ги замени здравствените работници, но ќе го поттикне развојот на телемедицината, отстранувајќи ги многубројните географски или јазични бариери за пристап до медицински услуги.

Во рамките на проектот истражувачите ги испитувале јазично-агностичките акустични и лингвистички карактеристики на говорот наместо конкретни зборови. Тие ги истражувале карактеристиките на говорот вообичаени кај пациентите со Алцхајмерова болест. Овие пациенти зборуваат побавно, со повеќе паузи или прекини во говорот, често користат пократки зборови и се потешки за разбирање.

Истражувачите откриле начин да ги преведат овие карактеристики во говорни карактеристики кои би можеле да се потврдат со модел на машинско учење. Иако самиот модел е доста сложен, конечното корисничко искуство е едноставно. Лицето разговара со алатка која ја анализира и предвидува болеста, а оваа информација потоа може да им се пренесе на лекарите, кои ќе ја одредат терапијата.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје