Познатиот американски кулинарски магазин „Тејст оф хоум“ ова лето вклучи еден „невообичаен“ коктел во своите препораки: освежителна мешавина од црвено вино и „кока-кола“. За американскиот пазар, ова е неочекувано добар летен пијалак, но на Балканот, особено во поранешна Југославија, одамна е познат под името бамбус.
Во својот летен водич за коктели, магазинот го опишува бамбусот како овошен, лесно пенлив и совршен за топли денови. Комбинацијата на вино и „кока-кола“, велат, нуди рамнотежа, со дополнителна свежина благодарение на газираноста. За Американците, можеби е изненадување, но на Балканот тоа е легенда меѓу пијалаците.
Студентска класика од 70-тите
Во земјите од поранешна Југославија бамбусот е незаменлив дел од студентски забави, дружби на скара, журки на плажа и домашни забави уште од 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Името, најверојатно, го добил по зелената нијанса што понекогаш ја добива при користење евтино вино. Во својата основна верзија се состои од еднакви делови црвено вино и „кока-кола“, но соодносот често варира според вкусот.
Бамбусот е едноставен, евтин и брзо се приготвува. Изненадувачки е питок, особено за оние што не се љубители на тешки вина. Затоа често бил првиот алкохолен пијалак што младите го пробувале и редовен избор во алтернативни и студентски кафулиња.
Од шприцер до бамбус
Ова не е првпат балкански пијалаци да се најдат на глобалните листи. Пред неколку години слично внимание привлече и шприцерот, мешавина од бело вино и минерална вода. Бамбусот сега го следи истиот пат, но со далеку подолга локална традиција.
За разлика од сложените коктели, бамбусот победува со едноставноста. И веќе со децении се пие на терасите, од Љубљана до Скопје.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pixabay