X
 19.11.2018 Живот

Последниот европски диктатор: верува во Путин, му пречи сѐ што е од Западот и е на власт речиси четврт век

- Добрата казна со ременот може да биде корисна за детето. Оставете ги тие глупости од Западот. Ние ќе живееме во согласност со нашите интереси, нашата белоруска словенска традиција и нашите животни искуства. Јас често го казнував постариот син и тоа беше одлична поука за мојот помлад син - изјави претседателот Александар Лукашенко, одбивајќи да воведе закон против семејното насилство.

Лукашенко е на власт цели 24 години. Со земјата владее со цврста рака и многу луѓе го нарекуваат последниот европски диктатор, но неговите следбеници тврдат дека лидерството на Лукашенко ја спаси Белорусија од најштетните последици од посткомунистичката транзиција.

Лукашенко е верен сојузник на Русија и на Владимир Путин, а често зборува против вредностите наметнати од Запад, особено за истополовите бракови.

- Таму наскоро нема воопшто да има семејства - вели тој.

1
Фото: Getty Images


Лукашенко бил роден во населба близу градот Вицебск, Белорусија, која тогаш била една од советските републики. Растел без татко, а соучениците често го малтретирале и ја навредувале мајка му бидејќи не била омажена. Дипломирал на Педагошкиот институт во Могилев, а завршил и на Белоруската агрикултурна академија. Две години служел војска и служел на западната граница.

Од рана возраст бил член на Комунистичката партија, во која за брзо време напредувал. Посериозна политичка кариера почнал во текот на 90-тите години, кога бил избран за застапник во Врховниот совет на советската социјалистичка Белорусија. Тој бил единствениот претставник во белорускиот парламент кој во декември 1981 година гласал против распаѓањето на СССР.

На првите претседателски избори во Белорусија, во 1994 година, Лукашенко бил еден од шесте кандидати. Тој станал популарен меѓу народот и ги добил изборите.

Летото 1996 година Лукашенко успеал да го потисне обидот 70 од вкупно 199 члена на белорускиот парламент да го симнат од власт и неколку месеци подоцна организирал референдум со кој си го продолжил мандатот од четири на седум години. На наредните претседателски избори во 2001 година Лукашенко победил уште во првиот круг со 75 отсто од гласовите. Организирал нов референдум за да го укине уставното ограничување што дозволува само два последователни претседателски мандати. По третпат бил избран за претседател во 2006 година.

2
Фото: Getty Images


Кон крајот на 2010 година на претседателските избори Лукашенко победил девет кандидати, со речиси 80 отсто од гласовите и по четврти пат бил избран за претседател. Опозицијата се обидела со протести, но полицијата уапсила дел од протестантите, а на лидерите им дала затворска казна.

Во внатрешната политика Лукашенко се залагал за зачувување на советскиот економски систем и политика, а животот на 9,5 милиони жители на Белорусија по многу работи потсетува на животот во некогашната комунистичка држава. Тука се големите воени паради и ниските плати, но и годишните одмори со работнички одморалишта, како што некогаш беше во Југославија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот