X
 03.05.2018 Наука

Објавен последниот труд на Хокинг

Реалноста би можела да се состои од повеќе вселени, а секоја од нив можеби не е толку различна од нашата, стои во последната теорија за вселената на Стивен Хокинг што ја завршил само неколку недели пред својата смрт, во март. Трудот прикажува многу поедноставна слика од последните 13,8 милијарди години од многу претходни теории.

Трудот беше објавен вчера во научниот магазин „Списание за физика со висока енергија“, а станува збор за резултати од долгогодишната соработка на Хокинг со белгискиот физичар Томас Хертог.

хокинг

„Долго време го чекавме ова. Верувам дека работата му била драга“, изјави Хертог. Тој редовно патувал во Кембриџ за со големиот научник да работи на оваа теорија, но вели дека комуникацијата пред крајот станала тешка. „Отсекогаш ми се чинеше дека не сака да се откаже, а тоа на некој начин беше Хокинг. Никогаш не покажуваше никакви знаци дека сака да се откаже. Никогаш не разговаравме за тоа дали ова ќе биде последниот труд. Но лично чувствував дека ова би можел да биде заклучок од нашето патување, иако никогаш тоа не му го реков“, вели тој.

Модерните физичари имаат повеќе од една теорија за тоа како е создадена вселената, но една од најпопуларните идеи е дека после Биг бенг следувале вселенски инфлации што создале бесконечен број „џебни вселени“ каде што се применуваат радикално различни закони на физиката, меѓутоа, овие алтернативни универзуми можеби не се разликуваат толку едни од други. „Во старата теорија имаше секаков вид вселени: некои беа празни, некои полни со материја, некои се ширеа пребрзо, други прекратко постоеја. Тоа беа големи варијации“, објаснува Хертог. „Главното прашање беше - зошто живееме во оваа посебна вселена каде што сè е убаво избалансирано за да се создаде живот? Мултиуниверзумот во овој случај станува збир на полесно разбирливи универзуми кои изгледаат слично. Стивен рече дека речиси како вселената да мора да биде таква“, додава тој.

Новата теорија ја презема работата што Хокинг и американскиот физичар Џејмс Хартл ја објавиле во 70-тите години и ја освежува со помоќни, посовремени математички техники.

„Самиот Стивен велеше дека овој труд е од област со која најмногу се гордее“, изјави Малколм Пери, негов колега од Универзитетот „Кембриџ“.

Ова дело нема да биде последното што ќе го носи името на Хокинг. Имено, Пери заедно со него и со Ендрју Стромингер од „Харвард“ напишал најмалку два труда за црните дупки што допрва треба да се објават.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука